ТАКСИ(М)РАТ

Народот нема свој Таксим, барем засега, ама има таксират со ваква власт. Злосторничкото сечење на дрвјата во центарот на Скопје е нов доказ дека само со полициска чизма владетелот/ите можат да останат на трон. Колку и да сечат, откако ќе паднат од власт, ќе остане барем едно дрво на кое ќе се обесат сведоштвата за нивните злостори.

Ристо Поповски

Масовната полициска акција и асистенција во уривањето шатори и злосторничкото сечење дрвја пред хотелот „Бристол“ во Скопје, покажа дека владетелот/ите зеле наук од протестите во Истанбул. Не дека многу се плашат дека ќе им се повтори Таксим, иако и тоа не треба да се исклучи. На сè еднаш мора да му дојде крајот.

Настаните пред „Бристол“ треба само нагледно да покажат дека владетелот/ите мислат вечно да останат на тронот, дека можат да прават сè, ама баш сè што сакаат, без оглед дали е добро или лошо, дали некого повредуваат, дали народот е против. Им се може. Полицијата е на власта, со власта и е под нејзина цврста контрола.

drvo 6Полицијата, со сите нејзини родови и комплетна опременост за секакви прилики и неприлики, стана главен столб врз кој се потпира власта. Можат ли да останат на власт без полиција? Власт која не го слуша гласот на народот и не ги уважува неговите потреби, може да биде само ненародна. Полициската чизма, врз која се потпира владетелот/ите, станува претешка.

Македонија станува полициска држава. Пратеници на опозицијата и новинари од Собранието беа насилно исфрлени со асистенција на полицијата. Тоа беше настан од кој се згрози сиот нормален свет, само не оние по чија наредба беше злоупотребена полицијата. Им се уарни и продолжија самоволието да го спроведуваат со поддршка на полиција.

Владеењето со сила го покажува лицето на власта. Тоа не може поинаку да се именува освен како тоталитарен режим во полициска држава. Меѓутоа, владеењето со сила ја покажува и безидејноста, неспособноста и немоќта на владетелот/ите да направат нешто добро за народот. Како прво да го извлече од сиромаштија, наместо да сече дрвја за барокни градби.

Народот во Македонија нема свој Таксим, барем засега, ама има таксират со ваква власт. Злосторничкото сечење на дрвјата во центарот на Скопје е уште една потврда дека само со полициска чизма владетелот/ите можат да останат на трон. Беше тоа „тренинг“ на полицијата да не би да се случи Таксим. Колку и да сечат, откако ќе паднат од власт, ќе остане барем едно дрво на кое ќе се обесат сведоштвата за нивните злостори.

Оваа вест е достапна и на: Albanian