Чаусидис: Никаде не се претвора современ објект во барок!

Во пресрет на денешниот протест на Шарената револуција, поддржан од граѓанската иницијатива "Го сакам ГТЦ", ЦИВИЛ Медиа разговараше со професорот на Филозофскиот факултет на УКИМ, Никос Чаусидис,  кој напиша книга посветена на проектот „Скопје 2014".

ер

„Тоа е бесмислено на планетарно ниво. Никаде во светот не се претвора современ објект во барокен објект, или во објект од било која древна архитектура. Зошто еден современ објект би се претворал во некој стил кој нема никаква врска со него? На пример, една црква да ја претвориме во египетска пирамида, или една фабрика да ја претвориме во готичка катедрала", вели Чаусидис.

Тој  смета дека со ова решение не се почитуваат авторските права на архитектот Живко Поповски.

„По разни основи тој проект се коси со основните цивилизациски стандарди за почитување на авторството и за почитување на традицијата, амбиентот и изгледот на еден град. Доколку еден таков објект со децении функционира како препознатлив жиг на градот, се разбира, дека тој треба да биде заштитен како симбол на тој град. ГТЦ во текот на своето децениско постоење се докажа како врвен архитектонски објект кој ги надминува рамките на Македонија и околниот регион по својата концепција. Професионалните луѓе кои се занимаваат со архитектура покажаа дека се работи за врвен објект. Така што, од професионален аспект тој треба да остане во таа форма. Тој е идеален пример на еден тип на трговски центри отворени кон просторот околу себе, што мора таа поетика да ја задржи. Неговата архитектонска суштина е да биде отворен, а не затворен како во некоја капсула, да комуницира со околните простори во кои е лоциран. Ова решение кое сега се предлага ја негира неговата основна суштина, да биде полуотворен објект", завршува Чаусидис.

Денешниот протест ќе започне во 19.00 часот, пред Специјалното Јавно Обвинителство.

ЦМ