Според изјава на член на неговото семејство, дадена на активистка на ЦИВИЛ - Центар за слобода која беше на терен, граѓанин од подрачје погодено од поплавите, жител на Сингелиќ, доживеал инфаркт поради отсуство на навремена и адекватна медицинска интервенција
„Ќерката на човекот ми кажа дека во петокот побарала Брза помош, но кога по одредено време таа дошла, медицинските лица му ставиле инјекција за да му се намали притисокот. Наредниот ден, во саботата, и јас побарав помош на социјалните мрежи, и за овој случај и за уште едно постаро лице кое исто така, имаше болки во градите. Побарав некој доброволец кој е медицинско лице да ги посети настраданите во Сингелиќ и да им укаже медицинска помош, но добив само еден одговор од госпоѓа - медицинско лице дека ќе ги посети кога ќе биде слободна. Во неделата вечерта, му се слошило на господинот со чија ќерка разговаравме, по што дошла екипа на Брза помош, но овој пат, сметале дека неговата состојба не е толку сериозна. Додека човекот чекал дополнителна медицинска помош, состојбата му се влошила во неделата вечер, и, според неговата ќерка, доживеал инфаркт. Таа тврди дека татко и сега е во болница, каде му е вграден стент“, вели Драгана Гунин, граѓанската активистка која волонтира на терен и е членка на ЦИВИЛ.
Таа истакна дека состојбата на терен не е ни оддалеку толку добра, како што се претставува во провладините медиум. Гунин потенцира дека е неопходна поголема ангажираност од институциите за да може граѓаните да продолжат со нормалниот живот.
ЦМ
Оваа вест е достапна и на: Albanian