Чоларевиќ: Борбата за слобода е процес кој никогаш не прекинува!

ЦИВИЛ Медиа разговараше со Ненад Чоларевиќ, активист од Србија, кој учествуваше на форумот во Скопје од 22 до 24 јуни, во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“, посветен на вклучувањето на граѓанското општество во социјалните движења и креирањето на политички и социо-економски приоритети и барања. Тој за ЦИВИЛ Медиа ги сподели своите погледи на Шарената револуција, на нејзините цели и на политичката криза во Македонија.

Чоларевиќ е убеден дека протестите во Македонија ќе доведат до посакуваниот резултат - фер, слободни и демократски избори.

[youtube width="600" height="400"]https://www.youtube.com/watch?v=Sp2GtcYG3Co[/youtube]

ЦИВИЛ Медиа: Како гледате на политичката криза во Македонија и во тој контекст, на Шарената револуција?

ЧОЛАРЕВИЌ: Јас мислам дека граѓанките и граѓаните на Македонија во овој момент држат лекција, во регионот, а и пошироко, како за слободата  постојано треба да се бориме и дека тој процес никогаш не прекинува. Со оглед дека протестите почнаа мирно и од она што денеска го слушнавме, тоа е и идејата, преку ова социјално движење, граѓанките и граѓаните на некој начин да ги дисциплинираат политичките партии, покажувајќи им како демократските институции треба да функционираат. Гледајќи во, се надевам, блиската иднина, ќе имаме прилика подлабоко да го проучиме она што во овој момент се случува во Македонија. Едно е сигурно, протестите , вакви какви што се, ќе доведат до посакуваниот резултат, а тоа се фер, слободни и демократски избори, кои се потребни за да може во овој момент да се излезе од кризата и институциите да профункционираат.

ЦИВИЛ Медиа: Може ли да се направи линк со „Отпор“, и со она што се случуваше во Србија и со падот на Милошевиќ, со она како активистите на Шарената револуција се обидуваат да го урнат владеачкиот режим во Македонија?

ЧОЛАРЕВИЌ: Мислам дека не е добро и дека е грешка да се прави таква споредба, затоа што беше поинаков контекстот деведесеттите години во Србија, во споредба со тоа каков е контекстот во Македонија сега. Мислам дека и покрај тоа што можеме да кажеме дека „Отпор“ беше на некој начин успешен, го урна Милошевиќ и се случи 5 октомври, дека не е пример за добра пракса за она што тука се случува. Контекстот е поинаков, тука допрва треба да има избори, не се знае датумот... Можеме да кажеме - да, но „Отпор“ во себе вклучуваше различни групи на луѓе, кои доаѓаа од различен идеолошки спектар. Мислам дека она што се случува тука со Шарената револуција е нешто од 2016-та, а „Отпор“ беше пред 20 години и затоа не е добро да се споредуваат.

Биљана Јордановска

Камера: Атанас Петровски

Оваа вест е достапна и на: Albanian