„Не се гледа
прст пред око,
ќе завршиме сите во темнина
ужасна и длабока“
По 28 години во новинарството, едноставно, немам намера да дозволам да ме дефинираат ојлевци – дојлевци чии единствени заслуги во животот се скинати „противнички“ плакати и хорско рикање пцости&клетви на митинзи против „оние – инаквите“. Сигурно нема да чекам милостина од луѓе чиј ментален склоп дозволува (поддржува?) затворање на новинар за напишан текст или, најблаго речено, туркање во смрт на друг новинар - докажан демократ... Македонија не смее да има закони кои овозможуваат вулгарно политичко арбитрирање во медиумите, зашто, кусо и јасно, Македонија може да опстане како држава, единствено ако е демократска
Пишува: Синиша Станковиќ
Скришум, набрзина, во маглата што со многуте верзии на непотребниот закон и со местенката околу „заедничката“ прес-конференција со ЗНМ, ја создадоа наредбодавачите од фамилијаризираната власт, пратениците од мнозинството, арогантно и брцнаа прст во око на инвалидизираната македонска демократија. Како послушници кои екстатично ги восприемаат само розовите говори на неприкосновениот Водач (добро, и шепотот на неговите роднини, кумови, другари од детството...), тие препотентно ја баталија слободата на говорот, проѕирно обидувајќи се да ја убедат македонската јавност, која веќе неколку години балансира меѓу вкочанетост од страв и свесно избраната хибернација - до светлата иднина, дека наводно, само сакале да воспостават ред?! И дисциплина, нели...
Играјќи си со иднината на Македонија во која се колнат, со помодрени гради од сопствените тупаници, пратениците ги помножија со нула и медиумите и новинарството во целина... И досега, во кутрата Македонија, едвај нешто се наѕираше, поради стравот што како епидемија низ народот го ширеа цензор-рекетарите и полит-комесарите од центрите за вешти манипулации и голи лаги, преку напластените, заталкани или далечински насочувани натрапници во медиумите, преку безрбетните мегафони на сите досегашни власти и преку збирштината на продавачи на магла со одамна продадени души... Отсега, македонските новинари, како Самоилови војници ќе се тетерават во редовите во кои контролорите на мислите и на јавно изречениот збор, ќе им ги делат лиценците (сосе јаремот или седлото и уздите, како милуваат, нели, со стриктно демократски избор) за вршење на дејноста - новинар. Се според дефиницијата за новинар - на оние кои цврсто ќе ги држат дизгините и ќе маваат со корбачот. И ќе си живееме среќно, според афоризмот: „Не е важно што не јаваа, важно е дека заедно пристигнавме на целта!“
Навистина, опозицијата го одбележа „црниот понеделник“ со протест во бели маички, новинарите со транспарент побараа да не се одлучува во нивно име со меѓупартиски алаш – вериш, ама, откако албанскиот коалицонен партнер во власта, се испазари, и по неколку месеци фингирана одбрана на слободата на медиумите, ладно ги продаде европските стандарди за неколку стотини евра и со токмак ја срчоса и најмалата надеж дека може со време да се трансформира во партија која ќе се залага за демократија, на сите кои навистина сакаат Македонија да се трансформира во нормална држава, им останува само да жалат. Што се доведоа во ситација да се колнат во ДУИ, а не го препознаа и прифатија сигналот на неколкутемина албански интелектуалци, кои крикнаа веднаш по бруталното задушување на човековите права, кршењето на Уставот, законите и собранискиот статут, минатиот декември...
По 28 години во новинарството, едноставно, немам намера да дозволам да ме дефинираат ојлевци – дојлевци чии единствени заслуги во животот се скинати „противнички“ плакати и хорско рикање пцости&клетви на митинзи против „оние – инаквите“. Сигурно нема да чекам милостина од луѓе чиј ментален склоп дозволува (поддржува?) затворање на новинар за напишан текст или, најблаго речено, туркање во смрт на друг новинар - докажан демократ... Македонија не смее да има закони кои овозможуваат вулгарно политичко арбитрирање во медиумите, зашто, кусо и јасно, Македонија може да опстане како држава, единствено ако е демократска.
И сите да не замолкнат или избркаат од професијата, што секако е невозможно, преродбениците – „народоусреќители“, кога-тогаш, за жал, по уште некоја загубена година за сите нас, ќе сфатат дека колку и да се расфрлаат со народните пари по странските мдиуми, нив не можат да дисциплинираат по свој терк. Се дотогаш, од петни жили ќе се трудат да ја изолираат државава како остров на недоверба и омраза, ѓоа-жртва на белосветски заговори. Не е далеку денот кога некој од власта налутено и паникосано ќе извикува: „Забранете го тој Си-Ен-Ен!“. (Море, и „Економист“ и „Фајненшел тајмс“ и „Шпигел“ и „Гардијан“...) Само залудно, ќе нема кој да го слушне...