Во земја каде мнозинството живее со под 2 долари дневно, во средина каде 95% од семејствата имаат по две неплатени сметки за струја или за комуналии, каде „среќниците“ кои имаат кредитни картички се минимум две плати во минус, а каде што сé може да се види на социјалните мрежи, содржината на фрижидерот е нашето последно табу!
Изборите се на прагот. По 11-ти декември, едно е сигурно, Македонија никогаш повеќе нема да биде иста! Сé ќе биде различно.
Дали Македонија ќе го чекори својот „План за достоинствен живот“, или ќе го чекори патот што го одеше Албанија под водството на Енвер Хоџа, во некоја своја перверзна, македонска верзија, останува да се види на 11-ти декември. Добро е, што иако има уште гориво во печките на режимот, нема повеќе кислород истиот да гори! Воздухот, онај слободарскиот воздух од кој се полнат градите со кислород, веќе е на другата страна, на страната на „Планот за живот“.
Но, пред да помислите дека сакате да прекинeте со читање, мислејќи дека ова е уште една партиска приказна, би Ве охрабрил да продолжите да читате, затоа што ова е наша, македонска приказна.
Во Македонија сé уште има места каде што сонцето одамна веќе не свети. Во тие места, главен авторитет е неговото височество, претседателот на Месниот комитет. Човекот кој преку ноќ заврши средно образование, за две вечери зеде факултетска диплома, а денес, удобно сместен во директорска фотеља, е посветен на својата магистратура и држење на сé под контрола во својата заедница.
Но, наша задача овие тешки 10 години е да одиме и таму. Да го однесеме нашиот „План за Македонија“ и до тие луѓе.
Единствено вооружени со насмевка и со позитивна мисла, заедно со уште една сопартијка, тргнавме на разговор со овие наши сограѓани, битолчани.
Стојам пред сива метална порта која го покрива видикот во дворот. Тропам на истата, очекувајќи ги домаќините. Не знам дали третото тропање или лаежот на кучето, го принуди домаќинот да ја отвори портата. Пред мене се појави човек во неговите доцни педесетти. Низок по раст со широки плеќи, тажни очи, лице без насмевка и раце кои говорат повеќе за неговата професија, отколку што може самиот да каже. Уште пред да посакам добар ден, во очите на нашиот домаќин видов дека ме препозна, и пред да можам било што да направам, осетив плунка на моето лице. Звукот од плукањето дојде подоцна. Бев збунет, и пред да знам што се случува, портата со тресок се затвори пред моите очи. Шокиран, не знаев како да реагирам. Првата реакција ми беше природна, да се одбранам и да вратам со плукање, викање или со удар, но за среќа, немав време за тоа. Пред мене имаше само голема сива порта која немо нé одделуваше мене и мојот сограѓанин, домаќинот.
По едно 30 секунди, откако ми помина шокот, решив да тропнам уште еднаш. Тропнав. Почекав, немаше реакција. Тропнав уште еднаш. Вториот пат се отвори вратата и домаќинот почна да ме пцуе. Ама, почна онака сочно да ме пцуе, како што тоа може само Балканец да го направи. Овој пат, психички подготвен, си реков себеси: „Па, добро, колку ќе пцуе. 15 секунди, половина минута, минута???“
Тоа негово пцуење ми се виде како да траеше цела вечност, но јас смирено, ја сослушав секоја негова пцост. И потоа, повторно, меѓу него и мене се најде големата сива порта.
Решив да тропнам уште еднаш. И тропнав. Овој пат, човекот ме гледаше со жар во очите. Јас се насмевнав, се извинав и му реков: „Пријателе, се извинувам, не сме дојдени за кавга, нема да Ви одземам време, ниту имам намера да Ве навредам, ниту да се карам со вас, имам само една молба до Вас?“
„Што сакаш?“ – грубо ми врати домаќинот.
„Сакам да Ве замолам да влезете дома, да одите до кујната, да ја отворите вратата од фрижидерот, видете што има внатре и потоа, затворете ја. Додека Вие ова го направите, јас веќе ќе бидам далеку од пред вашата порта“.
Домаќинот не врати ништо, ја затвори портата, но не силно како претходните пати, ја затвори пресметано, полека, без да крева врева.
Ние си продолживме по нашиот пат, кога зад мене ја слушнав портата како се отвора и го видов домаќинот како трча по нас. Си реков: „Тоа е, сега ќе има кавга“. Наместо мавање, пцуење, плукање..., забележав солзи во неговите очи. Дојде до мене, ме прегрна, се извини, ме бакна во образ и скршен, почна полека да се враќа во сигурноста на својот дом.
И денес, кога ја раскажувам оваа случка, моите очи се полнат со солзи, а срцето со мотивација да одам уште еден чекор понатаму! За да ја вратиме надежта меѓу луѓето и да го презентираме планот за нашата заедничка иднина.
Во општество во кое секој трет човек живее во сиромаштија, во земја каде мнозинството живее со под 2 долари дневно, во средина каде 95% од семејствата имаат по две неплатени сметки за струја или за комуналии, каде „среќниците“ кои имаат кредитни картички се минимум 2 плати во минус, а каде што сé може да се види на социјалните мрежи, содржината на фрижидерот е нашето последно табу.