И Младичот со кристалната топка, предраги постновогодишни лепотанки и лепотани мои, има нешто да каже околу Платформата на трите партии на Албанците, која деновиве ја преокупира јавноста, и е одличен показател до каде сме стасале, и во разбирањето, и во претставувањето на проблемите и решенијата за меѓуетничките односи.
Прво и најбитно, платформата на ДУИ, Беса и ДРДПА не е платформа на Албанците, бидејќи тие партии ни оддалеку не го претставуваат мнозинството на гласачите Албанци. Таа платформа е еден "чврч". Тоа е звукот кој го испушта усвитено железо спуштено во вода. Но, тој "чврч" ќе ја развлече уште за некоја година општествената криза. И ќе ја продлабочи, секако.
Зад ултимативниот сет на услови создаден од коктел на рационални и ирационални барања, со разни зачини - од национализам до евро-атлантски курс, од барања за еднаквост и правда до барања за по-еднаквост и пикање прсти во окото на комшијата, всушност, се крие политиканство, тендер-патриотизам и обид да се релативизира одговорноста за неуспехот, криминалот, распадот на општеството, по сите шевови во изминатава деценија, а и повеќе...
ДУИ, нормално, е ороводец во оваа симултанка, кој најпрвин игра за себе, а потоа, и за своите партнери. Главниот карактер, клучот околу кој се врти играта. "Победникот" со преполовени пратеници, свесен за својот моментален капацитет, се обидува да најде "курбани" во Беса и ДРДПА (секоја од нив со својот башка есап, безбели), да ги нареди покрај себе за да понесат дел од багажот на партијата, која потфрли и разочара во секој аспект.
А пред секои избори, да потсетиме, се редеа големи зборови. Од спроведувањето на Рамковниот договор, преку Мајскиот договор - една од трите најважни функции да биде Албанец, консензуалниот претседател... И по избори, сето тоа се забораваше. Оти, како што велеше госпоѓа министерка, „тоа што го правиме ние, го прави и ДУИ".
И сега, ете, ја оваа Платформа. Инспирирана и иницирана од Ахмети, со изим на Рама и Тачи, кои, секако, со овој потег повеќе гледаат да ќарат поени кај нивните гласачи и јавност, и уживаат во улогата на „татковци“ на Албанците од Македонија, без оглед колку тие средби вистински помогнале за изградба на ставовите, или дополнително ја усложнуваат сликата која блика од Платформата.
А сè можеше подобро. Но, за жал, албанскиот етнички политички кампус во Македонија се покажа далеку понезрел од својот електорат. Шанси за поправка сè уште има. Но, познавајќи ги, Младичот предвидува дека ќе преовладеат суетата, меѓусебните кавги, ќе има циркус... Секако, за неколку месеци најмногу, ќе следи распад на платформата.
Набрзо, драги мои, пред барањата на Платформата ќе се најдат и Груевски и Заев. Младичот прогнозира дека и двајцата не се подготвени да прифатат добар дел од условите на трите партии на Албанците.
Но, подготвен е да се обложи дека едниот од нив, мандатарот, ем долгогодишен партнер на Ахмети, би прифатил сè, дури и би се потпишал..., на тоалетна хартија. Пак. Дури и да одработи еден мандат фифти-фифти во поделба на ќарот, само за да куртули од СЈО и од одговорноста за заедничкиот криминал. Подготвен е да удри уште едно пропагандно перење на мозокот на своите гласачи, преку медиумската машинерија која сè уште верно му служи, дека тој „само привремено ќе попушти", а откако ќе ја спроведе „десоросоизацијата", лесно ќе се продолжи со деалбанизација, демуслиманизација, и така натаму, а богами и наваму.
Сите математики и ниети водат кон владата на МВРО, заедно со платформата на ДУИ, Беса, Села.., која пак, поради недостатокот на бројката од 81 пратеник, нема да може да ја реализира Платформата. Или, сепак, поради „багажот" што го носат 90-те проценти Албанци кои се против Груевски, истото ќе му се понуди на Заев. И, нема да помине, па ете нови избори, бидејќи ниту Заев и СДСМ, ќе ги немаат бројките за да ја исполнат платформата, нели....
Па, чуму воопшто пишување платформа за која однапред се знае дека не може да се спроведе? Е па, како што стојат работите, испаѓа дека е само за да се има изговор за поразот на политиката на партиите на Албанците, воопшто, досега. Пораз кој резултираше со губење на 7-8 пратенички мандати и одлевање на десетици илјади гласови на Албанците кај не-албанска партија. Сега, со одбивањето на неприфатливото, и Заев и Груевски ќе изгледаат исто. Така барем си мисли Ахмети и инспираторите на Платформата.
Што би се рекло, Младичот ви посакува што поугодно да ја поминете и оваа кризна 2017-та... И циркус, ова, циклус нови избори. Секоја година, нова криза и нови избори, само за вас, лепотани и лепотанки мои...