Тодоров ги обвини СДСМ, медиумите „и некои други фактори однадвор“ за одлуката на Управниот суд за Теарце!

И покрај уважената жалба на ВМРО-ДПМНЕ за Гостивар, според Никола Тодоров, партијата, останува на ставот искажан во Прогласот на Извршниот комитет. Значи, ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува на прегласувањето во Теарце во недела и нема да ги признае резултатите, а нема да дозволи ни „функционирање на институции кои го немаат легитимитетот на граѓаните на Република Македонија“, што и да значи тоа...

По објавувањето на одлуката на Управниот суд дека е уважена тужбата на СДСМ, дека гласањето во Теарце е поништено и ќе има прегласување, шефот на Изборниот штаб на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Тодоров, одржа прес-конференција, на која обвини дека СДСМ и нивните налогодавачи срамно продолжуваат со обидот за кражба на кристално чистата победа на ВМРО-ДПМНЕ на последните избори. Судиите од Управниот суд кои гласаа за уважување на тужбата на СДСМ, донесоа противправна одлука водена од политички мотиви“, изјави Тодоров.

„Притисоците врз судот кои се случуваа од СДСМ, медиумите блиски од СДСМ, како и некои други фактори однадвор, вродија со плод - да доведе до скандалозен правен преседан кој говори за политичка мотивираност при одлучувањето, наместо водење според правни факти и докази. Еден од најголемите докази за противправното одлучување на судиите од Управнот суд, кои одлучуваа за оваа тужба е фактот што нестандардно за судската пракса, во образложението не се наведени конкретните законски причини, и основи заради кои се носи оваа одлука, туку е наведена една општа формулација, која  е несвојствена, нетипична, и која отстапува од правните стандарди, а тоа е дека се случувале низа неправилности. Кои се тие неправилности, за каков тип на неправилности станува збор, тоа воопшто не е содржано во образложението на пресудата“, рече Тодоров.

upraven-sud-tabla

Тој обвини дека постои „поголемо сценарио, чија цел е поништување на волјата на граѓаните и постизборен инженеринг за фалсификување на волјата на граѓаните и на изборите“, односно, за да ѝ се украде победата на ВМРО-ДПМНЕ. Тодоров ја обвини и ДИК за донесување на противправни одлуки, а според него, потоа инженерингот се префрлил и на Управниот суд.

„Сценариото за кражба на изборната победа, нé прави поцврсти, порешителни и поединствени во нашата намера да ја одбраниме демократијата, затоа што сме на страната на народот, правдата, правото и вистината. И во тој контекст, ВМРО-ДПМНЕ останува на ставот искажан во Прогласот на Извршниот комитет на партијата од саботата“, рече Тодоров.

Според првата точка на Прогласот што го обелодени лидерот Никола Груевски, „Државната изборна комисија донесе незаконски одлуки, со цел изигрување на изборната воља на народот. Работата на ДИК се претвори во  пародија, имаме информации за вмешување на некои странски претставници, со цел вршење влијание на некои од членовите на ДИК, а во правец на постизборен инженеринг и фалсификување на изборната воља на граѓаните на Република Македонија. Некои од независните претставници на ДИК не се независни. Незаконските одлуки на ДИК може да ги корегира Управниот суд. Повикуваме да не се врши никаков притисок на Управниот суд, од никого.

Доколку и Управниот суд подлегне на влијанијата од страна и ги потврди незаконските одлуки на ДИК и со тоа се одземе победата на ВМРО-ДПМНЕ и се фалсификува слободно изразената воља на граѓаните на Македонија, ВМРО-ДПМНЕ објавува дека꞉

Нема да учествува во прегласувањето и нема да ги признае резултатите од тоа прегласување. Аболицираниот криминалец Зоран Заев нема да дозволиме да формира Влада со фалсификувана воља на граѓаните на Република Македонија. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи функционирање на институции со фалсификувана воља на граѓаните и функционирање на институции кои го немаат легитимитетот на граѓаните на Република Македонија“.

Оваа вест е достапна и на: Albanian