Тони Зен е еден од најуспешните и најпопуларните македонски рапери и продуценти. Повеќе од една деценија настапува како соло артист, а и како член на групата „Урбана димензија”. Музиката којашто ја изведува е честопати збогатена со општествено ангажирани текстови, кои зборуваат за проблемите со кои обичните луѓе, младите особено, се соочуваат во секојдневниот живот.
Тој е еден од ангажираните уметници кои му се придружија и го поддржаа Караванот на слободата, на кој ќе настапи во Куманово на 2 септември, во Штип на 16 септември и на еден од скопските концерти на 30 септември. По тој повод, со него зборуваме за уметноста и слободата.
ЦИВИЛ Медиа: Што за тебе претставува слободата?
Тони Зен: Слобода е да имам право на избор. Да ги живеам сите слободи и директно, вистински да се соопштувам. Да живеам директно низ вистината, за мене, е слобода.
ЦИВИЛ Медиа: Колку уметникот треба да жртвува за слободата?
Тони Зен: Не мислам дека треба да жртвува нешто, тоа така треба да биде. Ние сме малку поинаку програмирани, па имаме некакви мисли дека треба нешто да се жртвува, дека нешто е многу побитно од слободата или од слободите на уметникот...Па сега, така сме подесени... Тоа е како „аааа вие уметниците“, како некои други луѓе. Не се како овие обичните, што работат секој ден од осум до пет и така натаму... Нема потреба тука ништо да се зборува за жртвување, ниту да се има таква мисла, туку едноставно треба да се постои вистински. Секој уметник постои вистински, затоа што има некоја желба, некоја искра во него, да ужива и да твори, да го прави она што го сака најмногу. Да живее од вистината со љубов.
ЦИВИЛ Медиа: Дали уметниците се општествено активни и каква улога имаат во општествените промени?
Тони Зен: Има и активни и неактивни уметници. Ако зборуваме за кај нас, има уметници што поим немаме дека постојат, но тие си творат и си работат. Многу малку ги познаваат. Има некои уметници што самите си викаат дека се уметници па сите ги познаваат, така што тоа е релативна жива материја. Уметноста си постои како концепт, како идеја, за пренесување на такви пораки. Мислам дека многу влијаат уметниците. Уметноста ја има во сите сегменти од секојдневието. Сега можеме да ја видиме насекаде, а никнала од оние артисти кои низ времињата и вековите биле означувани како вакви или онакви, како непожелни во општеството. Сега доаѓа момент кога сета нивна енергија испливува, се истакнува, се поистоветуваат со уметноста, дури можам да кажам дека во модерно време е шема, или модерно е да се поистоветуваш со уметноста. Дали е тоа пишан збор, слика, некакво дело. Некако трендовски го гледам во последниов период. Дали со развивање на технологијата, па сега секој има контакт со уметноста и буквално е распространета насекаде. Исто како хип-хоп културата, која започнала како некаква идеја за слобода и љубов, па стигнува буквално да биде тренд и да ја има насекаде. Тоа е можеби и добро, што уметноста зазема голем замав. Не е повеќе тајна, не е скриена. Луѓето се будат со уметноста.
ЦИВИЛ Медиа: Која е твојата порака за Караванот на слободата?
Тони Зен: Едноставно, да си се разбудиме и да си постоиме вистински будно, да си комуницираме директно. Тоа треба да биде поентата на секој караван кој што го употребува тој збор – слобода. Мислам дека сите треба да се разбудиме и вистински да ја доживееме слободата. Вистински да уживаме во слободите. Мислам дека нема поубаво од тоа да се ужива во слободите, без разлика дали е уметник, или некој работник, или спортист. Тоа треба да биде целта на секое битие.
Оваа вест е достапна и на: Albanian