Ад-хок тело, кое 100 дена пред избори ќе ја контролира работата на медиумите во државата, како што објавија дел од медиумите е предлогот за кој партиските претставници постигнале согласност во текот на вчерашните преговори во Пржино. Се предвидува членовите на ад-хок телото да ги предложат четирите партии потписнички на Договорот од Пржино, секоја партија по еден член, а петтиот член ќе биде избран со договор меѓу избраните!?
ЦИВИЛ Медиа разговараше со директорката на Македонскиот институт за медиуми, Жанета Трајкоска за улогата на ова тело и за ефектот од неговото формирање на ваков начин. Трајкоска е категорична дека се работи за целосно погрешна одлука која само ќе им овозможи на партиите да влијаат врз медиумските содржини.
„Ако навистина се реализира ова ад-хок тело кое ќе ја замени Агенцијата за медиуми 100 дена пред избори, и ќе укажува за казни, тоа е тотално погрешно решение и само го покажува немањето на знаење и начин, преоварачите да се справат во рамки на преговорите - со тоа што очигледно, ВМРО– ДПМНЕ, не го дава, а тоа е Агенцијата за медиуми. Вакви паралелни институции, само ќе се создадат дополнителен хаос, во кој ВМРО–ДПМНЕ функционира прекрасно, ќе ја доблокира Агенцијата за медиуми и тука ќе и сè овозможи на владејачката коалиција - дополнително да врши притисок врз сите медиуми и да управува со содржините. На овој начин, се укажува дека Агенцијата е непотребна и некорисна, и наместо да направиме законски решенија со кои таа ќе се професионализира, ќе се сменат членовите и ќе ѝ се даде можност да биде професионално тело, таа дополнително се осакатува и се прави институција во институција“, вели Трајкоска.
На прашањето дали ова ад-хок тело е единственото решение кое може да се реализира за кратко време, Трајкоска одговара дека во иницијативата Предлог за итни демократски реформи, има насоки од експерти за тоа што за кратко време може да се преземе за подобрување на медиумската сфера во државата.
„Натуреното решение, неофицијално, доаѓа од странците, не знам дали е точно... Ние имаме предлог-иницијатива за реформи, каде се наведени точките кои за кратко време можат и треба да се преземат. Тоа е професинализацијата на Агенцијата, намалување на казните во делот на културната квота, промена на Програмскиот совет во МРТВ и зголемување на ингеренции во делот на управување со медиумските содржини, за да имаме вистински јавен радио сервис, избор на уредник на што понезависно ниво и смена на менаџментот во МРТВ. Ништо од ова не е прифатено, туку се создава квазитело како најбрзо решение, затоа што тоа ќе овозможи партиите да продолжат да влијаат врз медиумите“, децидна е Трајкоска.
И во репрезентативната еснафска асоцијација, Здружението на новинарите на Македонија - ЗНМ, сметаат дека формирање на ад-хок тело, нема да донесе никакви промени во медиумската сфера, и поради тоа не планираат да бидат вклучени во неговата работа.
ЦИВИЛ - Центар за слобода постојано се залага за итна детоксијација на медиумската сфера, укажува на проблемот со медиумите кои преку режирани содржини се продолжена рака на владејачката партија и ко акцентира средувањето на медиумскиот хаос, како еден од задолжителнте услови за организирање на слободни, фер и демократски избори.
Марија Теговска