Штипјани веќе една година се борат да го зачуваат паркот во центарот на градот, борба во која постојано се соочуваат со затвореност на институциите одговорни за овој проблем. На оваа тема ЦИВИЛ Медиа разговараше со Горан Трајков, активист од Велес и граѓански новинар, кој за прилогот Ќе се урбанизира единствениот парк во Штип, институциите глуви за барањата на штипјани, ја освои четвртата награда во јулскиот циклус, од натпреварот „Биди граѓански новинар“.
ЦИВИЛ Медиа: Веќе цела година граѓанските активисти од Штип се борат да го заштитат единствениот парк од рамен тип во центарот на градот. Каква е моменталната состојба и колку вашата едногодишна броба вроди со плод?
ТРАЈКОВ: Веќе е започнато со градба, пред една недела се загради паркот и се почна со градење. Од друга страна, институциите една година молчат и не постапуваат по ниту една наша доставена пријава. Лошото во целата оваа ситуација е што сите граѓани, со петиции и свои потписи, покажаа дека се за зачувување на паркот, а градоначалникот и неколку бизнисмени сепак, сакаат да го „урбанизираат“ градот.
ЦИВИЛ Медиа: Kои се вашите следни чекори?
Горан Трајков: Нас нема да не предомислат, затоа што ние мислиме дека правдата е на наша страна. Но, непостапувањето на институциите и едногодишното молчење по овој предмет, покажува дека нашите институции се киднапирани од лица кои работат незаконски и со самото непостапување го потврдуваат фактот дека не постои правна држава. Нашите активности не се престанати, ќе бидат во насока на Јавното обвинителство, каде се поднесени кривични пријави против непознати лица и против градоначалникот на Штип, за да извршиме притисок и да може да се покрене постапка. И, да се утврди дали ова што се случува е законски или незаконски. Ние, како граѓани, бараме институциите да си ја работат својата работа и да не бидат узурпирани од луѓе кои ја спречуваат правдата да излезе на виделина.
Марија Теговска