Со извонредно интересна агенда, како за пошироката јавност, така и за членовите на тимот на организацијата, во седиштето на ЦИВИЛ забрзано се прават последните подготовки на Семинарот за стратешко планирање, едукација и градење партнерства: „Транспарентност и одговорност во политичките процеси“. Агендата е комплексна и предвидува динамични работилници за членовите на проектните тимови на ЦИВИЛ и соработничката екипа од различни градови низ земјата, како и сесии отворени за јавноста.
Семинарот ќе се одржи на 14 и 15 август, во хотел „Романтик“, на брегот на Велешко Езеро. Бројот на учесници за отворените сесии е ограничен, а рокот за пријавување истече на 12 август, 20 часот.
Специјални гости на семинарот се првата антикорупционерка, Билјана Ивановска, експертот за финансии, до скоро советник на екс-министерот Тевдовски, активистот за човекови права, Бранимир Јовановиќ, како и градоначалникот на Велес, Аце Коцевски. Тие ќе говорат во сесии што се отворени за јавноста.
Излагањата на специјалните гости на семинарот ќе бидат добра основа за понатамошни активности на граѓанските организации и градење меѓусекторски партнерства за постигнување на повисока транспарентност и одговорност во политичките процеси на локално и национално ниво.
Еден од приоритетите на ЦИВИЛ секако е борбата против корупцијата, а семинарот „Транспарентноста и одговорноста во политичките процеси“ на ЦИВИЛ ќе биде искористен како своевиден водич за понатамошни акции на организацијата, но и на потенцијалните партнерски организации и граѓански иницијативи во оваа област. Учеството на Претседателката на ДКСК, Ивановска, на овој семинар ќе биде драгоцен придонес кон оваа определба, како и учеството на Бранимир Јовановиќ кој ќе говори за главната тема и односот меѓу ветеното и исполнетото во изминатиот период.
Јовановиќ, во јавноста попознат како активист за човекови права и социјална правда, инаку реномиран експерт за финансии и доскорешен висок владин службеник и Претседателката на ДКСК, Ивановска, која своето претходно професионално искуство и експертиза ги градеше во Државниот завод за ревизија, ќе фрлат светлина на најчувствителните сектори на функционирањето на системот. На овие теми и прашања логично се надоврзуваат искуствата од локалната самоуправа, за што ЦИВИЛ го покани да говори градоначалникот на Велес, Коцевски.
Меѓу говорниците на сесиите отворени за јавноста ќе биде и Џабир Дерала, Претседател на ЦИВИЛ кој, заедно со членовите на проектните тимови на организацијата ќе одржи презентации со примери за злоупотреби на јавни ресурси и коруптивно однесување на политичките партии и нивните функционери, како и презентација на проектот „Граѓански објектив: Транспарентност и одговорност во политичките процеси“. На затворените сесии на организацијата ќе се одржат работилници за стратешко планирање и едукација за различни области на работењето на организацијата во овие чувствителни области.
Семинарот е дел од проектот „Граѓански објектив: Транспарентност и одговорност во политичките процеси“, финансиски поддржан од National Endowment for Democracy, од октомври 2015 година.
ЦИВИЛ Тим за комуникации
Сите содржани потпишани од ЦИВИЛ Тимот за комуникации се слободни за целосно преземање, со молба до редакциите да стават линк до изворот.