„Има многу недоследности во трошењето на партиските пари за кампања!“ - е заклучокот на Транспаренси Интернешнел. Претседателката Слаѓана Тасева, изјави во медиумите дека според извештаите кои партиите ги доставиле до надлежните институции, расходите на СДСМ до денар се совпаѓаат со донациите што ги имаат од членовите, а дека ВМРО-ДПМНЕ во првите единаесет дена од кампањата, потрошила шест пати повеќе од приходите што ги пријавила!
Тасева укажува и на тоа дека кај коалициите предводени од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ, како главни финансиери се јавуваат физички лица и нивни членови, но дека сé е во рамките на законски дозволеното. Кај ДУИ, пак, донациите најчесто доаѓаат од компании.
Од ТИ Македонија велат дека информациите сé уште не се комплетни, бидејќи уште трае кампањата, но посочуваат дека доколку бидат регистрирани нерегуларности, ќе бидат пријавени во соодветните институции.
Засега, дури осум партии, не пријавиле расходи за комунални услуги и за греење. А комуникациски услуги, покрај ВМРО-ДПМНЕ, не прикажале ниту ДУИ, коалицијата „ВМРО за Македонија“, „Алијансата за Албанците“, ПДП, ЛП и ДПА. Пет партии немаат прикажано расходи за изнајмување на простор и опрема. Коалициите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, „Коалицијата за промени и правда“, „Алијансата за Албанците“, ПДП, ДПА и ЛП, не прикажале расходи за превоз и транспортни услуги, кои се евидентни на терен.
„Дополнителен проблем е и тоа што партиите прикажуваат многу мали трошоци за рекламирање на интернет порталите“, изјавила Тасева, иако дури 47 портали доставиле ценовници до Државната изборна комисија.