Треба ли студентите да станат комити за да не живеат под диктатура?

„Скандинавците може да им позавидуваат на спроведените студентските избори на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, бидејќи беа фер, демократски, транспарентни и немаше никакви инциденти и изборни манипулации...“ Колку само убаво ќе звучеше, да беше вистина? Ама, во Македонија продемократски студенти беа нападнати од вооружени специјалци, кои по наредба бранеа  очебиен фалсификат - со украдени кутии, ливчиња без печат, доведувани „студенти“ од подмладокот на ВМРО-ДПМНЕ и нивни постари мускулести сопартијци... 

10599119_1145612902133558_7387936387436943090_n

Пишува: Дехран Муратов

Македонија црвенее од срам. Вчера во Скопје имаше сѐ, освен студентски избори. Неодамна Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, одбележа четврт век 25 години од постоењето, со крајно крајно контроверзно видео-решение на бројот на годините и со паролата „Во младите е силата!“... За жал, и најмладите членови на партијата на власт, како да го признаваат само законот на силата, додека нивните продемократски, генерациски другари, кои се уште живеат во Македонија, ги претпочитаат достоинството, патриотизмот, гордоста, храброста, честа...

Дали, вчера власта на Никола Груевски имаше генерална проба за да види колку нивните млади поддржувачи се лојални и дали се подготвени навистина да газат сѐ пред себе, само да и ги задоволат болните апетити за апсолутна власт која ги контролира сите сфери на општеството. Дали изјавите на Груевски дека ВМРО-ДПМНЕ е секогаш подготвена за избори, значат дека набилданите партиски послушници, вработени по заслуги во администрацијата, се секогаш подготвени за крадење и кршење на кутии со гласачки ливчиња - за било какви избори, за насилство и врз девојки, нормално, под заштита на полицијата?

Додека ги гледав мажулињата од УМС на ВМРО-ДПМНЕ, како им се силат на девојките од Студентски пленум, се вџашив - од нивната агресивност кон студентките! Зарем се на се подготвени за да му се умилкуваат на нивниот „вечен“ владетел...!? Пред да го покажат вистинското лице, дел од насилниците се обидуваа и да им се „додворуваат“ на пленумките, кои со оглед дека доведените „додворувачи“ не знаеја каде е ТЦ „Мавровка„, љубезно им понудија да им помогнат при преминувањето на крстосниците дотаму, поради семафорите... И дотука, беше и до некаде, прифатливо, иако се разголуваше тажната слика за двете паралелни, и засега непомирливи Македонии, дури и меѓу студентите.

Но,  додека мускулестите типови трчаа со одземените кутии со гласовите, демек, на пребројување, како да тренираат за на Олимпијада и сообено кога специјалци вооружени до заби, тргнаа во акција, чиниш, како да разбиваат „терористичка група“, а всушност, малтретираа и туркаа правдољубиви млади луѓе, студенти кои бараа праведни и фер избори, се премина црваната линија. Македонија е пред чекорот по кој ќе нема назад! Откако избрка 600.000 млади луѓе од Македонија, власта на Груевски целосно ја загуби контролата врз своите постапки, напаѓајќи го и оној дел од иднината на земјава, кој се уште не избегал...

Власта си избра соодветен претседател на СПУКМ, напаѓајќи ги студентите и збеснувајќи ги нивните родители. Што е следниот чекор? Намерно провоцирање на продемократските студенти за отворен судир со младите и постарите насилници под партиски чадор, со полицијата? Ректорот на УКИМ срамно молчи. Автономијата на Универзитетот ја згазија полициските борни коли... Иванов се закани и со војската... Демократска Македонија црвенее од срам.

 

Оваа вест е достапна и на: Albanian