На трибината „Крај за расипништвото“ која вчера ја организираше ЦИВИЛ – Центар за слобода, заинтересираните граѓанки и граѓани имаа можност подетално да се запознаат со барањата на ЦИВИЛ кои се однесуваат на намалување и укинување на привилегиите на јавните функционери.
„Крај за расипништвото е пораката на ЦИВИЛ – Центар за слобода, но и почеток на иницијативата, со поднесувањето на барањата до Собранието на Република Северна Македонија, на 14 мај, каде што упативме дека е крајно време целосно да се укинат привилегиите кои ги уживаат сите функционери, почнувајќи од поранешните претседатели завршувајќи со раководителите на државните агенции. Со оглед на тоа дека ние се водиме како сиромашна земја и дека сме социјална држава според Уставот, некои можеби ќе речат дека сме задоцниле, но јас сметам дека никогаш не е доцна да се стави крај на нешто. Ние мораме да ставиме многу краеви ако сакаме да профункционираме како демократско општество и ако сакаме нашите граѓанки и граѓани да ги уживаат сите права кои ги имаат според Уставот“, истакна Биљана Јордановска од ЦИВИЛ.
Покрај барањата на ЦИВИЛ, беа презентирани и предлозите од граѓанки и граѓани од целата земја, кои во изминатиот период од 14 мај до сега ги испраќаа до организацијата, а се поврзани со овие барања. Поддршката на граѓаните и граѓанките за оваа иницијатива на ЦИВИЛ од ден на ден се повеќе расте.
„Ние не мислевме да поканиме експерти и политичари, туку побаравме да дојдат сите кои се заинтересирани за оваа тема. Во периодот од 14 мај досега имаме илјадници реакции од граѓанките и граѓаните. Веќе во првиот час ја добивме првата реакција и од дел од политичарите, за што им благодарам во свое лично име и во име на ЦИВИЛ. Она што е важно за денешната средба е тоа што треба оттука да излеземе уште по организирани. Затоа ве повикувам да бидете дел од оваа граѓанска иницијатива во контекст на изработка на конкретни решенија за конечно спроведување на нашите барања“, рече претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала.
Барањата на ЦИВИЛ не се однесуваат само на бившиот претседател на нашата земја, иако постоеше обид на тој начин да се спинува оваа иницијатива. Таа се однесува на сите бивши и сегашни функционери, и именувани и избрани и сите оние кои се во ситуација да трошат јавни пари и добра. ЦИВИЛ бара укинување на апанажите и доживотните пензии. Укинување на паричните и други надоместоци за сите управни одбори. Намалување на бројот на државни агенции преку укинување или спојување, со намалување на бројот на вработени. Укинување на привилегиите за користење на службени возила, репрезентации и обезбедување на функционерите. Драстично намалување на патните трошоци. Укинување на привилегиите кои се однесуваат на купување на службени возила од средна и висока класа. Укинување на сите дискрециони права на функционерите, законски измени во однос на промена на практиките за вработување, јавни набавки. Воведување на практики соодветни на стандардот на граѓанките и граѓаните. Намалување на бројот на пратеничките и пратениците во Собранието на Република Северна Македонија.
По презентацијата на барањата на ЦИВИЛ, сите присутни ја искористија можноста јавно да ги изнесат своите ставови и конкретни предлози на оваа тема. Во наредните денови ЦИВИЛ Медиа ќе објави сублимат од предлозите на граѓанките и граѓаните учесници на трибината.
По трибината се одржа и работна средба на која се формираше работна група која во наредниот период ќе состави конкретни предлог-законски измени и конкретни решенија во насока на намалувањето на привилегиите и поголема контрола на трошењето на парите на граѓанките и граѓаните.
М. Ивановска
фотографија: Ангела Петровска