Светскиот ден на социјалната правда во Македонија и оваа година нѐ исправа пред прашањето во каква тоа социјална држава живееме. Одговорот е очигледен.
Како организација за човекови права и слободи, ЦИВИЛ со децении наназад ги алармира јавноста и институциите за тешките состојби во сферата на социјалната правда, во кои спаѓаат социјалната заштита и работничките права. Справувањето со сиромаштијата, социјалната и економска исклученост и невработеноста се само дел од долгата листа големи предизвици со кои се соочуваат граѓанките и граѓаните на нашата земја.
Сведоци сме на систематското и континуирано кршење на човековите права и слободи, и покрај обидите во краток временски рок да се подобрат работничките права, да се намали сиромаштијата, да се реформираат синдикатите.
Нефункционалноста на системот секојдневно предизвикува морбидни и трагични последици по животот на луѓето, не поштедувајќи ги ни децата. Широко распространетата корупција и криминалното владеење го земаат крвавиот данок секојдневно, иако грдото владеење на Груевски и неговата коалиција ја изгубија власта веќе една година. Бавните реформи, компромисните решенија, политикантскиот пристап, но и објективно комплицираните состојби и процеси во земјата, не допуштаат да се подобрат состојбите со социјалната (не)правда во Македонија.
За злоупотребата на социјалните прашања во изборен и политички контекст бевме сведоци и на локалните избори како продолжување на една длабоко вкоренета традиција на искористување на социјално ранливите категории граѓани со поткуп и притисоци.
А кога се работи за социјалната заштита и установите што треба да се грижат и да ги штитат сите што се нашле во таа позиција, сведоци сме, не само на нефункционалност на институциите, туку и на прикривање и криминално дејствување, кои уништија човечки и детски животи.
Истражувањата и анализите кои ЦИВИЛ ги спроведе со проектот „Социјална правда сега!“ и „Ветувања и злоупотреби“, како и бројните прилози и случаи во кои ги разоткривме социјалните неправди, укажуваат на фактот дека злоупотребата на социјалните прашања во Македонија потекнува од заробеноста на државата и бескрупулозните политички манипулации во борбата за моќ.
Ништо не може да го оправда ужасот низ кој минуваат децата низ нечовечниот систем на институциите кои се задолжени за нивно згрижување, одгледување, образование и добробит. Последното ужасно сознание за силувањето и подведувањето на 12-годишно дете, ја прелеа чашата, се вели во соопштението на ЦИВИЛ за случајот на девојчето што како штитеник на „25 мај“ и „Ранка Милановиќ“, јавни установи за згрижување на деца.
Генералното собрание на Обединетите нации на 26 ноември 2007 година одлучи да се забележи 20 февруари како ден посветен на социјалниот развој, солидарноста, еднаквоста и хармонијата како темелни вредности во постигнување на социјалната правда, односно „општество за сите“, со еднакви можности за секого.
Во Македонија, сѐ уште не постои еднаква можност за сите деца да живеат згрижени и со, барем, минимални можности за нормален развој, образование и живот.
Социјална благосостојба, родова еднаквост, искоренување на сиромаштијата и еднакви права за сите изгледаат како далечни и недостижни сништа во овие мрачни времиња.
ЦИВИЛ бара бескомпромисна заложба за социјална правда и ги охрабрува сите граѓанки и граѓани на Македонија да говорат храбро и слободно и да ни се придружат во бескомпромисните заложби за човечност, достоинство и солидарност.