Не можеме и не смееме да прифатиме дека меѓу нас има луѓе што возвишуваат злосторници, убијци и екстремизам, чии последици се трагични – загубени човечки животи, несигурност, страв и разорени заедници и општества. Не можеме да прифатиме состојба во која екстремизмот на едно стадо негува соживот со екстремизмот на некое друго стадо. Тоа не е соживот, нема врска со толеранција. Тоа е крвопролевање кое само што не се случило.
Секојдневно, во социјалните мрежи се појавуваат пораки со радикални содржини што ги пласираат вработени во институциите, во администрацијата и јавните претпријатија. Никој не одговара за тоа. Ако Владата и институциите не го осудуваат и санкционираат ваквото однесување, тоа значи дека го поддржуваат. Тоа мора да престане!
ЦИВИЛ – Центар за слобода бара од Владата и надлежните институции да преземат итни, неодложни чекори да воведат строги критериуми за оценување на луѓето што работат во нив и веднаш да ги санкционираат сите свои службеници и функционери доколку тие се служат со говорот на омразата и поттикнуваат радикализам, насилен екстремизам или на било кој начин придонесуваат кон возвишување на насилства, злосторства и тероризам.
Одговорноста не е фраза, тоа е постојано градење и заштита на животот и достоинството на граѓанките и граѓаните, постојана одбрана на вредностите на едно цивилизирано и хумано општество. За тоа постојат буџетите на државите!
„Нобелова награда за храброст да му се даде на „напаѓачот“, човекот во Нов Зеланд. Браво, бравооо“ – напиша Татјана Лазаровска на својот профил на Фејсбук. Навистина постои тој профил, навистина е вработена во Армијата на Република Северна Македонија. Носи униформа на оваа земја, има вештини што ги стекнала во нашиот образовен систем, прима плата од буџет што го полнат сите граѓанки и граѓани. Лазаровска е стационирана во воена единица во град со мнозинско албанско население, во артилериски род што е извонредно мобилен. Со оружјето до кое има пристап се ракува извонредно лесно, а последиците од него може да бидат разорни и трагични.
И по неколку дена од оваа порака, ниту Владата, ниту ресорното министерство на една земја, не излезе со јасен став и изјава во јавноста во која ќе слушнеме дека тоа лице е суспендирано, одземени ѝ се дозволите за пристап до оружје и муниција и дека е под истрага да не е дел од организирана екстремистичка мрежа. Тоа е најмалку што може да го направи владата или барем Министерството за одбрана, според некои минимални НАТО стандарди. Ако веќе ништо не значат Уставот и законите на нашата земја, како и човечноста и совеста, а би морало!
И тоа не е сѐ. Секојдневно, во социјалните мрежи се појавуваат пораки со радикални содржини што ги пласираат вработени во институциите, во администрацијата и јавните претпријатија. Никој не одговара за тоа. Ако Владата и институциите не го осудуваат и санкционираат ваквото однесување, тоа значи дека го поддржуваат. Тоа мора да престане!
Восхитувањето од тероризмот, било да е оној на ИСИС или на терористот што уби педесетина муслимани во џамија, на расистите на Кју Клукс Клан или на неонацистите и ултра радикалите во Русија, Унгарија, Полска, Чешка, Германија, Србија, Албанија или Грција е првиот, крупен чекор до екстремното насилство. Кратко е растојанието од првиот чекор на оправдување и поттикнување до вториот чекор, реалното насилство и трагедиите што тоа ги предизвикува. Пократко е тоа растојание отколку што сакаме да веруваме.
Екстремизмот во нашето општество и во системот е долгогодишна операција од која нема да се ослободиме ако се молчи и ништо не се презема. Можеби со огромно задоцнување, но мора да се започне веднаш, денеска. Според законите и стандардите што веќе ги има во нашето законодавство!
Затоа, ЦИВИЛ – Центар за слобода, како организација за човековите права и слободи, бара од институциите да поведат сметка за законитоста, почитувањето на човековите права и слободи, како и за безбедноста на сите граѓанки и граѓани на Република Северна Македонија. ЦИВИЛ ги осудува говорот на омразата и поттикнувањето на насилство во секаква форма и очекува од Владата и секое министерство и институција на локално и национално ниво, да расчистат со екстремисти во своите структури. Активистите за човекови права не се должни да ја работат работата на институциите!