ЦИВИЛ – Центар за слобода ги потсетува политичките партии дека транспарентноста е и законска и морална обврска на оние што претендираат да ги заземат позициите во власта на локално и национално ниво.
Затоа, ЦИВИЛ денеска испрати писмени обраќања до политичките партии со неколку прашања кои се однесуваат на финансирањето на нивните кампањи. Тие прашања се однесуваат на тоа како ги финансираат своите предизборни кампањи, како ги финансираат пропагандните материјали и реклами, колку пари ги чинат подароците за гласачите, кои се изворите за финансирање, односно донаторите.
За време на предизборните кампањи, ветувањата и пропагандниот материјал не се единствениот политички продукт кој го нудат кандидатите за позиции во власта. Најчесто, активистите на политичките партии ги посетуваат домаќинствата, од врата на врата и ги даруваат гласачите со мали подароци како запалки, кафе, маици, пенкала, нотеси, торбички, балони и други ситници.
Овие прашања се упатуваат до сите учесници во изборната трка на сите избори, но одговорите изостануваат со години наназад. Дали партиите ќе направат промена во своите практики оваа година?