ЦИВИЛ го започна проектот „Слободни медиуми за слободно општество“

ЦИВИЛ – Центар за слобода има чест да го објави почетокот на проектот „Слободни медиуми за слободно општество“, финансиран од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија. Со овој проект, ЦИВИЛ ќе даде придонес во неколку комплексни области во тешкиот период на транзиција и демократизација на општеството и државата.

Со искусен тим, прекален во годините на предизвици, ќе се создаде и артикулира слободен и безбеден простор за динамична размена на информации, ставови и анализи, кои ќе им се понудат на јавноста и институциите. Воедно, проектот ќе даде голем придонес кон политичкиот и општествениот дијалог, јакнење на слободата на изразувањето и медиумската писменост на граѓанките и граѓаните. Политичката култура ќе се збогати со содржини за граѓанска едукација и одбрана на човековите права и слободи, вклучувајќи го и гласачкото право.

Скопје, 13/7/2017, потпишување на договорот за грант: Џабир Дерала, ЦИВИЛ и Н.Е. д-р Кристине Алтхаузер, Амбасадорка на Сојузна Република Германија

Слободните медиуми се основен предуслов за слободно општество, како што единствено слободното општество може да создава медиумски простор во кој информацијата и ставовите се слободни од корупцијата и притисоците кои ги наметнуваат центрите на моќ. Во тие две насоки - ослободување и деконтаминација на медиумскиот простор и охрабрување на граѓанките и граѓаните да градат слободно општество, ЦИВИЛ ќе го спроведува овој комплексен и динамичен проект.

„Слободни медиуми за слободно општество“ е уште еден проект кој во целост го отсликува карактерот на ЦИВИЛ, кој ќе биде активен деноноќно и ќе создаде целосно независна медиумска платформа која ќе служи како јавен ресурс за медиумите, граѓански организации и сите активни граѓанки и граѓани. Тимот на ЦИВИЛ веќе работи на проширување на мрежата на соработници од целата земја, а според планот на имплементација, ќе одржи 88 помали и поголеми настани и теренски активности, не сметајќи ја секојдневната медиумска продукција.

www.civilmedia.mk | www.civilalb.info | www.civil.today

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish