ЦИВИЛ го застапува правото на глас и го набљудува Референдумот

ЦИВИЛ – Центар за слобода воспостави мониторинг на состојбите во општествено-политички контекст од самиот почеток на референдумскиот процес. Пред граѓанките и граѓаните е референдумското прашање „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?“ на кое треба да одговорат на 30 септември 2018 година.

Непартиски, објективен и неутрален мониторинг

ЦИВИЛ распореди над 30 активни долгорочни набљудувачи низ целата земја, чија задача е да го набљудуваат процесот на спроведување на подготовките на референдумот од повеќе аспекти, а особено во поглед на почитувањето на правото на глас.

Се спроведува мониторинг на институциите, политичките партии и други структури инволвирани во процесот, начинот на спроведување на кампањите и јавната дебата во контекст на референдумот. Денот на референдумското изјаснување ќе го набљудуваат над 200 акредитирани мобилни набљудувачи на ЦИВИЛ, распоредени низ целата земја. Ним ќе им помагаат граѓанските новинарки и новинари. Во изминатите три години, ЦИВИЛ спроведе обуки за граѓанско новинарство на преку 900 учеснички и учесници.

Мониторингот на ЦИВИЛ е непартиски, објективен и неутрален, а извештаите од теренската работа се достапни на медиумската платформа на организацијата. Ставовите и анализи се објавуваат во посебни рубрики на медиумската платформа и не секогаш се совпаѓаат со ставовите на ЦИВИЛ.

Пријавување нерегуларности, закани и притисоци

ЦИВИЛ, како и во претходните изборни процеси, ги повикува гласачите да го искористат своето право на глас, слободно и без страв и принуда.

Секој облик на притисок или закана да го пријават кај ЦИВИЛ на веб страницата Слободни Избори или на телефоните: 070 461 480 и 02 5209 176.

Едукација за правото на глас, а не кампања ЗА или ПРОТИВ

Како и во претходните изборни процеси, ЦИВИЛ посветува особено внимание на почитувањето на едно од фундаменталните човекови права, а тоа е правото на глас.

ЦИВИЛ не се меша во индивидуалните одлуки на граѓанките и граѓаните за тоа дали ќе гласаат ЗА или ПРОТИВ на Референдумот и не спроведува кампања, туку едукација за правото на глас.

Излезност на Референдумот

Цврст став на организацијата е дека треба да се гласа на Референдумот, бидејќи тоа е облик на непосредна демократија и не треба да се пропушти оваа можноста да се биде дел од донесувањето на една исклучително стратешка одлука за земјата.

Секој поединец треба да направи информиран избор, според своето сопствено убедување, ЗА или ПРОТИВ, без страв, без притисоци и закани. Иако е демократско право на секој поединец, ЦИВИЛ не препорачува апстиненција од гласањето. Институциите, медиумите и граѓанските организации се повикани да им овозможат на гласачите релевантни и јасни информации за процесот.

Еден од многубројните аргументи против бојкотирање на Референдумот е и дека граѓанките и граѓаните не треба да остават другите да одлучуваат наместо нив, туку тие самите да бидат дел од демократските процеси на носење одлуки.

 СТОП за говорот на омраза и лажните вести

Како организација за човекови права и слободи, ЦИВИЛ се вклучува во борбата против лажните вести и говорот на омразата.

Користењето на говорот на омразата и насилството, клеветите и манипулациите со лажни вести и спинови се неприфатливи и забранети облици на поддршка на која и да е иницијатива, за што релевантните институции се повикани да постапуваат според законот.

ЦИВИЛ бара од структурите што шират говор на омраза и лажни вести да престанат со своите напади, бидејќи со тоа го омаловажуваат големото мнозинство граѓанки и граѓани што сакаат да донесат сопствена одлука и да го искористат своето неприкосновено право на глас, па и апстинирање од гласањето.

Говорот на омразата и лажните вести не се соодветен начин на застапување на политички став.

ЦИВИЛ останува доследен на своите принципи и определби. ЦИВИЛите никогаш ништо не кријат, од никого и од ништо не се плашат да го искажат своето убедување и размислување.

ЦИВИЛ е непоколеблив во своите заложби за човековите права и слободи, секогаш и секаде, јасно и гласно.

Биди ЦИВИЛ!

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish