ЦИВИЛ изразува згрозеност и упатува најостра осуда за бруталниот чин, повикува на нула толеранција за насилството

На социјалните мрежи се појави крајно вознемирувачко видео кое го пренесоа и медиумите, во кое се документира вербална и физичка тортура врз девојка од Штип. Во видеото што го снимиле самите насилници се гледа како тие ја напаѓаат прво вербално, а потоа и брутално ја претепуваат, ја удираат во пределот на лицето, ѝ ја корнат косата, ја туркаат на бетонскиот под и крвнички ја тепаат со тупаници и клоци.

ЦИВИЛ изразува крајна згрозеност и упатува најостра осуда за овој брутален чин на насилство. Органите на прогонот реагираа брзо по објавата на овој грозоморен чин, но реакцијата не смее да застане на тоа ниво. ЦИВИЛ бара од сите релевантни институции веднаш да ги преземат сите мерки за санкционирање и превенција на вакво безумно насилство. Организацијата повикува да се воведе принцип на нула толеранција за насилството врз жените и девојките и секаков вид на сурово и нечовечко постапување врз било кого.

Овој монструозен пример на физичко изживување и тортура врз оваа жртва е симптом на сѐ уште присутното родово базирано насилство во нашата држава. Во многу случаи, насилството останува непријавено и несанкционирано. Досегашната практика на неказнивост на сторителите, која беше посебно карактеристична за времето на владеење на ВМРО-ДПМНЕ и нивните сателити, дополнително ги обесхрабрува жртвите да го пријават насилството во полиција и да побараат заштита поради страв од одмазда и недоверба во институциите. Тоа беше време кога, преку јавните настапи, политиките и практиките, вклучително преку образовниот систем, медиумите и културата се промовираа и пропагираа вредности со кои се деградираат човековите права и слободи во целост, а особено улогата и позицијата на жените во семејството и општеството. Тоа беше време на охрабрување, поттикнување и заштита на насилниците.

Во време на криза и кризна состојба како оваа од здравствен карактер со која се соочуваме во моментов, многу фактори придонесуваат да се зголемат ризиците и ранливоста на граѓанките и граѓаните, особено на жените. Тоа не смее да се дозволи!

Ништо повеќе не смее да биде изговор за непостапување на институциите на системот. Таквата пракса треба да остане во мрачното минато, за да може да се повратат и профункционираат демократските и професионалните капацитети на институциите, да се практикуваат, негуваат и бескомпромисно спроведуваат универзалните, европските и темелните вредности на човековите права, без каква било дискриминација.

ЦИВИЛ апелира да не се споделува видеото на социјалните мрежи, а медиумите при известувањето за случајот да ги преземат сите мерки за заштита на идентитетот, достоинството и личноста на жртвата, која мора да биде заштитена и од понатамошна стигматизација.

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish