ЦИВИЛ: Кажете НЕ на тортурата и насилството

Пред повеќе од 30 години Амнести Интрнешнл ја започна кампањата #StopTorture  со цел жртвите на тортура да добијат глас и храброст во борбата за своите права, спречувањето на тортурата во сите нејзини облици и повикување на одговорност на институциите што премолчуваат на нехуманите дејствија и насилството.

На 12 декември 1997 година, со резолуција 52/149, Генералното собрание на ОН го прогласи 26 јуни Меѓународниот ден на Обединетите нации за поддршка на жртвите на тортура, со цел целосно искоренување на тортурата и ефективно функционирање на Конвенцијата против тортура и друг вид на сурово, нечовечно или деградирачко постапување или казнување.

ЦИВИЛ, како организација за човекови права и слободи, од самото основање во 1999 година, континуирано работи против тортурата и насилството и ги повикува сите граѓанки и граѓани да бидат будни и да алармираат за сите случаи на насилство и тортура, да бараат одговорност и мерки што би ги спречиле.

Тортурата е кривично дело според меѓународното право, и независно дали некоја држава ги потпишала или не меѓународните конвенции, борбата против тортурата и нулта толеранција кон нехуманоста и насилството треба да биде императив за секој поединец или заедница.

ЦИВИЛ го осудува секој обид на поробување и поништување на човековите права и слободи преку секој облик на насилство каде и да се случува тоа, во земјата или во светот. ЦИВИЛ ги повикува институциите, особено во овој предизборен период, кога кај дел од политичките структури борбата за власт нема скрупули, да кажат категорично НЕ за насилството и да го санкционираат секој повик на насилство.

Првиот чекор кон постигнување на ефикасно справување со насилството во сите свои форми е борбата против говорот на омраза и острото санкционирање на дела од омраза.

Затоа ЦИВИЛ, во екот на изборната кампања, ги повикува сите учесници да се воздржат од црните кампањи, говорот на омраза и омаловажувањето на противникот, туку во своите презентации да ги промовираат човековите права и слободи.