ЦИВИЛ на изборниот ден: Најмалку 5 прес конференции, телефонски линии за пријава на нерегуларности, 300 мобилни набљудувачи на терен

ЦИВИЛ на изборниот ден, недела, 17 октомври, ќе одржи најмалку пет прес конференции во текот на денот и тоа во 10, 12, 15, 17 и 21 часот. Доколку има потреба, ќе се одржат и вонредни прес конференции. На првата прес конференција на ЦИВИЛ, во 10 часот, ќе биде објавен извештајот од мониторингот на изборниот молк во земјата.

Сите прес конференции ќе се емитуваат во живо, на Фејсбук страницата и на Јутуб каналот на ЦИВИЛ.

На терен, ЦИВИЛ ќе биде присутен со речиси триста мобилни набљудувачи, а во текот на целиот ден, почнувајќи од 6 наутро, па сѐ до полноќ, ќе бидат отворени канцелариите во кои ќе работат тимовите за координација на мониторингот, примање и обработка на извештаите од набљудувачите, аналитика и односи со јавноста. Прес центарот ќе започне со работа во 9 часот, со подготовка на првата прес конференција веќе во 10 часот.

Изборните нерегуларности како што се притисоци, поткуп, злоупотреби, проблеми со Избирачкиот список, кршење на изборниот молк, говор на омраза, односно сѐ што граѓанките и граѓаните сметаат дека не е во согласност со нивното сфаќање за слободни, фер и демократски избори, можат да го пријават во ЦИВИЛ.

Пријавите може да поднесуваат на веб страницата slobodniizbori.info или во Граѓанската пријава за која има банер на интернет порталот civilmedia.mk. Исто така, може да се пријавуваат нерегуларности по електронска пошта ([email protected]), во порака на Фејсбук страницата на ЦИВИЛ или со јавување на телефоните 02 / 5209 176 и 070 / 699 580 (пожелно е со порака по Вибер).

Информациите што се испраќаат на ЦИВИЛ треба да бидат точни и веродостојни, со сите потребни податоци. Фотографии и аудио/видео снимки што се добиени по незаконски пат – не да се прифаќаат.

ЦИВИЛ им благодари на набљудувачите, како и на сите граѓанки и граѓани кои во текот на саботниот ден испраќаа информации до организацијата и им посакува мирен и достоинствен изборен ден в недела, на 17 октомври.

Мониторинг тим на ЦИВИЛ