ЦИВИЛ денеска одржа прес-конференција за предизборната кампања, која повторно почна предвреме, најмногу се води со видео спотови и со спонзорирани содржини на социјалните мрежи, покажува мониторингот на Цивил.
Тимот на Цивил за мониторинг на финансирањето на предизборната кампања од 20 јуни до 28 јуни на полноќ регистрираше 220 политички настани за кои партиите потрошиле пари во или вон рамките на платеното политичко рекламирање.
Една десетина од настаните се случиле пред официјалниот почеток на кампањата на 24 јуни. Една третина од досега регистрираните собири на партиите се одржале пред официјално да почне предизборната кампања.
Речиси сите партии имале партиски промотивни активности пред да почне кампањата. Мониторингот регистрираше вкупно 20 такви настани, од кои девет биле јавни собири, а ги организирале и СДСМ, и ДУИ, и ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците. Пред официјалниот почеток на кампањата биле промовирани пет партиски видео-спотови.
На оваа тема, ЦИВИЛ веќе објави опширна анализа на 1 јули.
Што прави ЦИВИЛ во текот на овој изборен процес?
Долгорочен мониторинг во 15 категории, вклучително и заштита од коронавирусот. Посебен фокус се политичкото финансирање, лажните вести, дезинформациите и говорот на омразата, злоупотребата на јавните ресурси и корупцијата. Одлична соработка е воспоставена со ДКСК, како и со други релевантни институции, посебно со ДИК, а секако и со меѓународната мисија на ОДИХР.
ЦИВИЛ ќе го набљудува изборниот ден со нешто повеќе од 300 набљудувачи. Забележлив е големиот интерес да се биде дел од тимовите на ЦИВИЛ. За жал, не можеме да одговориме позитивно на сите апликации меѓу кои има и многу квалитетни, но ги повикуваме сите заинтересирани да останат во комуникација со организацијата и да пријавуваат нерегуларности во изборниот процес.
ЦИВИЛ издаде опширно соопштение на почетокот на кампањата под наслов ЦИВИЛ повикува на максимално почитување на правото на глас и мерките за заштита од коронавирусот на 24 јуни. Во него се повикува и да се престане со злоупотреба на децата во политички цели, но некои политички партии го прават токму обратното.
Бараме од политичките партии да го почитуваат Изборниот законик, Уставот и законите на Република Северна Македонија, да ги почитуваат протоколите и мерките за заштита од коронавирусот, да го почитуваат изборниот молк и да ги сопрат евентуалните планови, ако такви постојат, за изборен поткуп, притисоци и манипулации.
Првата недела на предизборната кампања почна жестоко и валкано. Голем дел од политичките актери во неа не штедат ниту избираат средства во борбата со својот политички противник. ЦИВИЛ констатира дека, за жал, дезинформациите, клеветите, вербалното насилство, навредите и говорот на омраза стануваат едно од главните оружја и во ова предизборие.
Се работи за очигледно оркестрирани пропагандни операции за ширење на дезинформации и омраза, кои особено се забележливи на социјалните мрежи, но и на неколку медиуми. Во оваа и ваквата продукција, предничат структури кои се поврзуваат со главната, но и споредните опозициски партии.
Набљудувачите на Цивил секојдневно регистрираат објави кои организирано се споделуваат на ФБ страници со навидум имиња на организации или иницијативи. Потоа, од тие ФБ страници, содржините и пораките се шират од профили, честопати безимени, блиски до одредена политичка структура.
Овие манипулации и пропагандни активности не се само упатени кон политичките противници. Честопати нивна мета се други, непартиски актери – новинари и медиуми, граѓански организации и активисти, истакнати стручњаци во разни области, па сѐ до граѓанки и граѓани кои немаат врска со споменатите ентитети, но се осмелиле да го искажат својот личен став. Сите тие се мета на говор на омраза од локални партиски структури.
Цивил и сам беше мета на говор на омраза, но и на вандализам во оваа прва недела на кампањата. Целта на оваа организирана хајка е да се дискредитираат наодите и анализите на организацијата, за да може непречено да се продолжи со деструктивна и антидемократска кампања. Преспанскиот договор, кризата со коронавирусот, ЕУ и НАТО интеграциите, реформите во клучните сектори во државата, но и Шарената револуција се носечки теми на структурите кои шират лажни вести, дезинформации и говор на омраза овие денови.
ЦИВИЛ бележи и случаи на директни закани кон обични граѓани и сајбер булинг од локални партиски структури (повеќе примери бележиме во Велес, Скопје, Штип и други градови).
Организирано ширење дезинформации и лажни вести се врши секојдневно, преку фотомонтажи и тотално измислени информации. На пример, мониторингот тимот на ЦИВИЛ на 28 јуни открива лажни вести за наводно вработување на Албанци во УЈП Штип, откако на социјалните мрежи се појави лажна вест за наводна „Одлука за избор на кандидати за вработување во УЈП РД Штип“, која граѓаните на Штип веднаш почнаа да ја споделуваат и коментираат, верувајќи дека се работи за автентична вест.
И, како што рековме, сите овие се со цел да предизвикаат омраза, што резултира со стотици други објави, коментари полни со омраза и повици за насилство, па дури и убиство.
ЦИВИЛ бара од политичките актери, особено до оние кои цела јавност ги гледа како предводници на деструктивната кампања која, со својата врева, го гуши правото на граѓаните да ја слушнат понудата.
Цивил порачува:
Престанете со омразата, лагите и насилството! Гласачите имаат право на информиран избор и на понуда, а не на меѓусебни плуканици. Скротете ги вашите ботови и партиски насилници, на ова општество му беше доста од насилство. Граѓанките и граѓаните на Северна Македонија очекуваат слободни, демократски и безбедни избори и мирен постизборен период!
Мониторингот на Цивил бележи и низа случаи на злоупотреба на јавни ресурси и коруптивно однесување на политичките партии во кампањата. Така, се бележи злоупотреба на службени возила во партиски цели од носителот на кандидатската листа на ДУИ во ИЕ 5, Талат Џафери, од техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, како и градоначалничката на Тетово, Теута Арифи.
Непочитување на мерките за заштита од коронавирусот како што се гушкање, ракување, неносење маски, неодржување дистанца, пречекорување на бројот на присутни на партиските настани се забележуваат насекаде низ земјата. ЦИВИЛ испрати прашалник до сите политички партии на тема: „На кој начин политичките партии придонесуваат кон одржување безбеден изборен процес?“ на 24 јуни. До 17 часот на 30 јуни, одговори на прашалникот испратија само пет политички партии и тоа: СДСМ, Твоја партија, ДОМ, Сојуз на Ромите и Партија на пензионерите. ЦИВИЛ доби порака и од партијата Левица, но со сосема поинаква содржина, надвор од темата.