Во пресрет на новогодишните и божикните празници, ЦИВИЛ упати апел до сите граѓанки и граѓани во земјата: Прославете безбедно!
Во пресрет на празничните денови, ЦИВИЛ – Центар за слобода потсетува дека славеничкото пукање е забрането со закон и е крајно опасно по животот. Бројни се примерите на трагични завршетоци на прослави и веселби кога заскитан куршум убил или повредил случаен минувач или учесник на прославата. Без оглед на тоа колку мислите дека го владеете оружјето, имајте на ум дека и најголемите професионалци грешат.
Еден од слоганите на ЦИВИЛ во изминатите години е: Не се одушевувајте од „експертите за оружје“ – ќе ги надживеете!
Колку и да звучи морбидно, тоа е факт кој треба да се има на ум во денови кога се конзумира алкохол и се заборава на безбедноста. При сето тоа, „веселите пиштолџии“ треба да имаат предвид дека, и кога нивното пукање не повредило никого, траумата од пукањето нанесена на сите во нивната околина е, исто така, голема штета.
„Куршум испукан во воздухот, мора да се врати на земјата. И тогаш може да има трагични последици, а да не зборуваме за опасностите од рикошет или едноставно заскитан куршум кој може да биде убиствен.“ – велат од ЦИВИЛ.
Децата се најчести жртви на трауми, повреди, па и трагедии, поради несовесното ракување и злоупотребата на оружјето. „Кога несовесни лица го злоупотребуваат оружјето за славеничко пукање, одговорните родители треба да им кажат три едноставни безбедносни правила на своите деца: да се оддалечат од местото на славеничко пукање, да не допираат оружје или експлозиви и да пријават незаконска употреба на оружјето. Овие безбедносни правила, се разбира, важат и за возрасните.“ – гласат безбедносните правила на ЦИВИЛ.
Распрскувачките материјали и петардите се опасни по здравјето и животот. Во еден прирачник на ЦИВИЛ за едукација на деца и млади за безбедно однесување се вели: „Петардите и распрскувачките материјали, како и оружјето, се опасни и често предизвикуваат трагедии дури и во редовите на професионалци на кои во описот на работното место им е ракување со експлозиви и оружје.“
ЦИВИЛ се придружува на апелот на МВР да не се употребуваат петарди и други пиротехнички средства неовластено и ги повикува граѓанките и граѓаните да го пријават несовесното и противзаконско однесување.
ЦИВИЛ е организација-членка на Меѓународната акциона мрежа за малото оружје (IANSA) и на глобалната коалиција Контрола на оружјето (Control Arms) од самите почетоци. Организацијата има големо искуство, релевантни експертизи и меѓународно реноме во борбата против трговијата и злоупотребата на нелегалното оружје, оруженото насилство, екстремизмот и тероризмот.