Говорот на омразата и делата од омраза се меѓусебно поврзани и претставуваат закана за човековите права и слободи, но и за развојот, безбедноста и стабилноста на едно демократско општество. Говорот на омразата кон „поинаквите“ често води кон дела од омраза кои се забранети и се санкционираат според Кривичниот законик.
ЦИВИЛ најостро го осудува секој акт на насилство, а особено актите кои произлегуваат од омраза кон неистомислениците или кон припадниците на различни заедници. Организацијата го осудува насилството врз претседателот на организацијата ЛГБТИ Јунајтет од Тетово, Беким Асани и бара од надлежните институции да ги пронајдат и санкционираат напаѓачите.
Насилството е неприфатливо и недозволено во едно демократско општество. Физичкото, но и вербалното насилство, омразата и клеветењето, оркестрираните хајки кон луѓе, поради тоа што се различни. За жал, во нашето општество, подолго време се негува култура на неказнивост. И покрај напредокот во областа на правата на ЛГБТИ заедниците, сè уште постојат сериозни предизвици.
ЦИВИЛ отсекогаш бил и ќе биде организација што стои во одбрана на правата на ЛГБТИ заедниците и континуирано бара подобрување на нивните права со конкретни политики и практики кои институциите се должни да ги преземат. Не смее да има неказнивост за ништо, а тоа подразбира и укинување на неказнивоста за дела од омраза против ЛГБТИ заедниците. Должност на државата и институциите е да ги применат Законот за заштита од дискриминација и говор на омраза за сите подеднакво.
ЦИВИЛ како организација секогаш ќе стои во одбрана на човековите права и слободи, а тоа подразбира и правото на сексуална ориентирација, правото на слободата на изразувањето и правото на праведен и слободен свет.
Наместо страв, омраза, дискриминација, ЦИВИЛ повикува на хуманост, солидарност и прифаќање дека сите поединици, независно од нивната родова, верска или етничка припадност, социјален статус, сексуална ориентација или друга припадност, идентитет или карактеристика.
Сите имаат право на достоинствен живот, а сите ние како дел од општеството имаме должност да бидеме солидарни и да ги штитиме човековите права и слободи на сите. Институциите се должни да негуваат култура на прифаќање и да се борат против стереотипите и предрасудите.
Оваа вест е достапна и на: English