По повод одбележувањето на Универзалниот ден на детето, ЦИВИЛ уште еднаш алармира за тешката состојба на правата на детето во Македонија и бара од институциите во земјата сериозно да се зафатат со итни мерки за подобрување на состојбите. Голем број деца немаат пристап до квалитетно образование, здравство и услови за живот.
Потсетуваме дека секое дете, без никаков исклучок, има право на достоинствен живот и да ги ужива сите права наведени во Декларацијата за правата на децата што е донесена токму на денешен ден. Децата мора да ја уживаат посебната заштита обезбедена преку закони и други средства.
Државата и институциите имаат обврска на децата да им овозможат физички, ментален, духовен, морален и социјален развој, здрав и нормален начин на живот во услови на слобода и достоинство!
ЦИВИЛ во континуитет, веќе дваесет години, постојано алармира за злоупотребата на децата за политички и верски цели и бара од институциите да ги санкционираат сите што ги вовлекуваат децата и младите во своите валкани игри.
ЦИВИЛ порачува: СТОП за политичката и верската злоупотреба и индоктринација на децата! Не смееме да дозволиме развојот на децата да биде контаминиран со дневно-политички, партиски или верски антагонизам или мобилизација.
Очекуваме институциите да преземат решителни санкции против сите што ќе се обидат децата и малолетниците да ги стават на својата листа на активности. Едноставно, тоа мора да престане веднаш!
Образовниот систем е разорен и на децата ни оддалеку не им обезбедува нормален развој. Државата и институциите мораат итно да обезбедат пристап до квалитетно образование за секое дете во Македонија!