ЦИВИЛ во Велес: Зелена или црна иднина, прашањето е сега

На Република Северна Македонија ѝ е потребна сеопфатна граѓанска, политичка и институционална акција за промоција, едукација и практикување на зелените вредности што е составен дел од глобалните трендови во политиката, економијата, образованието и граѓанското организирање во најширока смисла на зборот. Зелените вредности секако подразбираат грижа за природните ресурси и налагаат трансформација на потрошувачкото во одржливо општество, со нови концепти на економијата, а особено на енергетиката.

Неизоставен дел од зелените вредности се човековите права и слободи, еднаквоста и инклузивноста. Во тој контекст, а особено во контекст на земјите од Западен Балкан, зелените вредности се неделиви и во нивни рамки секако се подразбираат и социјалната правда и антинационализмот како предуслови за развој на слободно и демократско општество и градење на одржлива иднина.

ЦИВИЛ организира работилница со наслов “Зелена иднина“, посветена на зелените вредности, социјалната правда и антинационализмот, која ќе се одржи на 12 септември, во општинската сала во Велес, со почеток во 13 часот.

Работилницата на ЦИВИЛ е можност за сите општествено активни граѓанки и граѓани без разлика од каде доаѓаат, дали се дел од невладиниот сектор, или пак дел од некоја партија, да ги изнесат своите ставови и предлози.

ЦИВИЛ веќе спроведува активности за формирање на неформална граѓанска иницијатива поврзана со темите релевантни на проектот, што ќе биде уште една можност за разговор и почеток на нова или зајакнување на постојната соработка меѓу различните засегнати страни и структурите во кои се донесуваат одлуки на локално и национално ниво.

Агендата на двочасовниот настан на самиот почеток предвидува термин од 15 минути за изјави за медиумите, а веднаш потоа започнуваат сесии на кои не е дозволено видео и аудио снимање. По презентацијата на проектот „Зелена иднина“ и на поврзаноста меѓу европските и зелените вредности, социјалната и еколошката правда, ќе се отвори дискусија на темите: „Зелени вредности на локално и централно ниво: состојби, предизвици и перспективи“ и „Граѓанското учество во општествените процеси за поддршка на демократските реформи, зелените алтернативи и антинационализмот“.

Зелена иднина е проект за поддршка на застапување и јакнење на јавната свест за зелените вредности, социјалната правда и антинационализмот, кој се спроведува во партнерство со Фондацијата Хајнрих Бел од Германија, канцеларија во Сараево.

Претходно, со настаните „Зелена иднина“, тимот на ЦИВИЛ беше во Штип и во Велес. Пред почетокот на секој настан, претставник на ЦИВИЛ дава изјава за медиумите. Ја објавуваме изјавата на Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ, за Канал 77 и за ЦИВИЛ Медиа.

ЦИВИЛ Тим за комуникации

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish