Новинарската екипа на Цивил – Центар за слобода разговараше со Сретен Коцески, Извршен директор на Институт за развој на заедницата во Тетово. Коцески зборуваше за коректниот однос што го има ИРЗ, како здружение, со локалната власт и институциите на државата и нивниот придонес кон меѓуетничките односи во Тетово. Истовремено ги произнесе своите очекувања од владата во однос на економијата и на меѓуетничките односи.
Каква е соработката на ИРЗ Тетово со локалната самоуправа?
Ние во континуитет се обидуваме да ги отвориме сите канали на комуникација со локалната самоуправа. Во Тетово имавме промена на власта, локалната власт, но генерално можам да кажам дека имаме многу коректна соработка. Сите локални самоуправи биле отворени за соработка, сме разменувале информации, сме развивале заеднички проекти и програми кои што биле понатаму аплицирани. Така да во тој дел и општината имала интерес и ние интерес да одговориме на потребите на граѓаните. Со последната промена и новата администрација која што дојде во општината исто така продолжи, сега треба да видиме понатаму оперативно после првите резултати, но сега за сега навистина се позитивни барем за почеток.
Како ја гледате соработката меѓу граѓанскиот сектор и владата, односно институциите во државата?
Во нашиот делокруг на работа можам да спомнам неколку јавни институции и министерства, имаме неколку програми во кои не сме имале пречки. Очекувањата од другата страна реално биле исполнети. Тука можам да ги споменам и оние во делот на образование и во делот на меѓуетнички односи. Значи, се обидуваме, барем со владините институции и со Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, да имаме комуникација, размена на информации, значи она што нам ни било потребно. Ние предлагаме, понатаму е нивно колку тоа ќе се процесира.
Како ќе ја оцените состојбата на меѓуетничките односи во Тетово и во Македонија воопшто?
Тетово секогаш било интересно место и очите секогаш биле вперени во Тетово. Многу повеќе инциденти има во Скопје. Иако ги имавме оние настани од 2001 кои беа најизразени тука, во последниот период тоа го нема во таа мерка како во Скопје. На пример, тепачки по автобуси. Јас секогаш тоа го потенцирам. Никаде не е совршено и секако дека е тешко да се живее во малцинство. Но, од друга страна, пак, граѓаните не чувствуваат дискриминација во општината на дневна основа, односно злоупотреба на јазици, барем она што е тука најсуштествено. Можеби може тука повеќе да се работи преку комисиите во однос на култура, потребите кои ги имаат граѓаните односно потребите кои ги имаат малцинствата за култура, но во секој случај сметам дека перцепцијата дека во Тетово нешто не чини или дека секогаш е критично таму, не би рекол дека е баш најточна. Имало и многу други предизвици кои што се посериозни и поголеми во други градови отколку што ги има кај нас. Ова не го кажувам како жител на градот и дека сакам да претставам дека е сé најдобро. Соодветната застапеност е предизвик и кај нас, на пример. Имаме предизвици, но во секој случај сметам дека не е толку лоша како во други градови.
Која е перспективата на Македонија по изборите и конституирањето на старо-новата влада?
Тоа е широко прашање. Она што јас лично како граѓанин, еве да зборуваме и како здружение, очекуваме владата и понатаму да работи на подобрување на меѓуетничките односи, да инвестира повеќе во таа насока. Евентуално, со поддршка на помалите заедници во Република Македонија. Ние предлагаме некои насоки за подобрување и на легислативата и на мерките и методите кои можат да се преземат и секако дека очекуваме подобар, побрз раст на економијата. Видовме дека имаме предизвици во Македонија, ако збориме и за економијата и за меѓуетничките односи, она што нас не интересира, значи очекувањата се во таа насока. Кои се перспективите зависи и од надворешни фактори. Македонија е мала и со мал пазар. Од една страна, добро е ние што работиме на привлекување на странски инвестиции, но сигурно е дека и евроатланските процеси би требало, доколку се забрзаат, да помогнат во таа насока. Ќе видиме до каде ќе стигнеме, но за перспективите сметам дека една е опцијата, членство во Европска Унија, членство во НАТО и би требало да продолжиме во таа насока. Повторно ќе речам дека не секогаш е до нас, туку има многу надворешни фактори што влијаат и реално мора да ги земеме предвид.
Биљана Јордановска