Караванот на слободата го одржа четвртиот голем мултимедијален настан во Тетово на 26-ти август. Тричасовниот концерт го отворија Бени и Нон стоп, а по нив настапија домаќините Мухамед Ибраими и К’пурдат. Концертот заврши со настапот на Пеце од Суперхикс кој беше приружуван од Петрит Сарачини
Во звуците на музиката на слободата уживаа неколку стотици тетовчани, кои од почетокот до крајот на концертот, со песна, танц и голем аплауз, ги поздравуваа сите што вечерта беа задолжени за нивна забава.
На дебатата „Македонија: со или без слобода“ со која започна мултимедијалниот настан учествуваа Кристина Озимец, новинар-истражувач во веб-порталот Нова ТВ, Петар Младеновски од бендот „Суперхикс“ и граѓанскиот активист и политиколог Артан Садику. Дебатата ја водеше Петрит Сарачини, координатор на проктот Караван на слободата.
Покрај музичарите, на големата сцена настапија актери и поети, а во текот на целиот настан се одвиваше и ликовната работилница и изложба „Слобода во боја“. Караванот продолжи и со хуманитарната акција за помош на настраданите од поплавите во Скопје.
Поетите кои се претставија пред тетовчан(к)и беа Гент Мемети, Садије Алити, Маријана Гугоски.
Во текот целиот хепенинг активна беше и уметничката работилница „Слобода во боја“, која ја водеше академскиот сликар Мирослав Стојановиќ и уметниците Славчо Максимовски и Јакуп Амети.
Хепенингот во Тетово е четвртиот од вкупно девет мултимедијални настани кои Караванот на слободата ќе ги одржи во седум општини низ земјата. Целта на Караванот е преку влијанието на уметноста да се разбуди граѓанската свест и да се поттикне граѓанското учество во процесот на донесување на одлуки на локално и национално ниво.