Туфегџиќ: Нема да дозволиме фалсификување на волјата на студентите на 30 јуни!

Студентскиот парламент на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, на 10-ти јуни распиша јавен повик за доставување на кандидатура за избор на Претседател на СПУКМ. Повикот е објавен на нивната официјална Фејсбук страна.

„Почитувани колеги, Ве известуваме дека со одлука на Изборната комисија, беше донесена одлука за распишување на избори за претседател на СПУКМ, во прилог на известувањето го имате и јавниот повик кој го има на сите факултети на УКИМ“, стои во соопштението на Фејсбук профилот на СПУКМ.

Јавниот повик е веќе 4 дена објавен на Фејсбук страната на СПУКМ, а има само 77 лајкови (допаѓања) и 2 шерувања (споделувања).

spukm

Од Студентскиот пленум велат дека повикот за кандидати за претседател на Студентскиот парламент е објавен минатиот петок, односно, на 10 јуни, а рокот за пријавување е до 19 јуни, до кога заинтересираните кандидати треба да соберат најмалку 3.000 студентски потписи.

Ивана Туфегџиќ од Студентскиот пленум за ЦИВИЛ Медиа изјави дека е скратен рокот и можноста за информирање на заинтересираните кандидати и e повредено правото на учество. Таа вели дека изборите се распишани само колку да може да се избере нов ректор на УКИМ.

ivana tufegdzik

Ивана Туфегџиќ, Студентски пленум

Кирил Спировски распишал избори на 10-ти јуни, со рок за одржување на 30-ти јуни. Во овој академски календар за учебната година, одобрен од Сенатот, се вели дека втората испитна сесија се одржува од 15-ти мај до 15-ти јуни. Универзитетот повторно се реактивира на 15-ти август, со третата испитна сесија. Значи, Кирил Спировски со неговиот нелегален Парламент, се обидува на 30- јуни да фалсификува студентски избори, се со цел да стекне легалност и легитимитет на студентските претставници за да може да се избере ректор. Ние ќе побараме од кандидатите да си ја повлечат кандидатурата за ректор на УКИМ“, изјави претставничката на Студентскиот пленум.

Ваквото однесување на порнешниот претседател на Студентскиот парламент Спироски, според Туфегџиќ е скандалозно, бидејќи времето е кратко, а Правилникот за избор не им е достапен на студентите.

„Студентите се на студентски патувања, завршени им се сесиите и се вратени во своите места на живеење, со што се дискриминирани студентите што живеат во другите градови и не можат да учествуваат во постапката за кандидатура, во која за еден кандидат треба да се соберат три илјади потписи во просториите на Парламентот, за да може да поднесе кандидатура. Зошто само студентите од Скопје да имаат право на учество? Зошто им го ускратуваат правото на студентите што замина на work and travel?“, прашува Туфегџиќ од СП.

Студентите бараат Ректоратот и Сенатот на УКИМ да се вклучат во решавање на студентското организирање, бидејќи сметаат дека се случува груба злоупотреба и фалсификат на студентската волја.

Туфенџиќ не сакаше да открие кои се следните чекори на Студентскиот пленум, меѓутоа, нагласи дека студентски избори нема да има на 30 јуни.

Од Кирил Спироски не добивме одговор на пораката што му ја испративме на Фејсбук.

Д.М.

 

 

Print Friendly, PDF & Email