Управниот суд на Македонија во наредните два месеца ќе одлучува дали социјално загрозени прилепски семејства, нерегуларно се одбиени од конечната листа корисници на социјални станови под закуп во населбата Точила, а на нивно место се вдомени граѓани, членови на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, кои се во подобра социјална состојба
Неколкумина корисници на социјална помош, граѓани и семејства коишто се наоѓаат во исклучително тешка состојба, без елементарни услови за живот, го тужат Министерството за транспорт и врски, затоа што се сомневаат во исправноста на софтверската апликација за електронска распределба на социјални станови под закуп, изградени согласно владината Програма за социјални станови. Тие се чувствуваат крајно обесправени и велат дека фактичките корисници, кои се веќе вселени во социјалните станови, ја уживаат оваа привилегија, бидејќи се членови на владејачката партија. Тужбите се доставени до Управниот суд, а во нив се бара да се изврши вештачење, Министерството да ги презентира договорот и лиценцата за користење на софтверската апликација. На социјално загрозените граѓани им е нејасно, како може согласно Методологијата за бодирање на кандидатите, дел од нив да не бидат, дури ниу на прелиминарната листа.
„Очекувам дека најдоцна за два месеца, Управен суд ќе одлучи по тужбите. Социјално загрозените граѓани, ги имаат сите основи да бидат корисници на социјалните станови под закуп. Затоа го повикуваме Министерството за транспорт и врски да ја потврди регуларноста на електронскиот избор“; изјави адвокатот Жаре Стеваноски, законски полномошник на неколку одбиени апликанти.
Еден од кандидатите коишто се чувствуваат целосно обесправени е Душан Нунески (58) од Прилеп, лице со блага ментална попреченост. Неговата внука, Александра Конеска за ЦИВИЛ Медиа уште пред два месеца, ја раскажа целата социјална драма низ која поминува нејзиниот вујко Душан, којшто живее во куќа што се распаѓа, без струја и вода и со минимални 3.800 денари, постојана парична помош.
Освен Нунески, ЦИВИЛ Медиа ги публикуваше и тешката социјална приказна низ којашто поминува самохраната мајка на две малолетни деца, која е членка на ВМРО-ДПМНЕ, а која посочи на многу нерегуларности. И Рубинчо Ристески, инвалид од Прилеп, реагираше затоа што од нему нејасни причини е избришан од Прелиминарната листа.
ЦИВИЛ Медиа разговараше и со многу други семејства од ромската заедница во Прилеп, кои се соочуваат со исклучително тешки социјални проблеми, а воопшто не биле ниту посетени од Комисијата којашто би ја согледала фактичката состојба.
Најголем дел обвинувањата на одбиените социјалци беа адресирани до Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, затоа што тврдат дека вдомените социјалци во Точила се партиски кадри. Но, од Комитетот не добивме никаков одговор. Молк наместо одговор беше изборот и на Министерството за транспорт и врски за сите овие социјални драми. Одделот за односи со јавност не одговори ни на телефонските повици, ниту на испратени прашања по мејл.
Распределбата на социјални станови засега наликува на народната - „кучињата лаат, караванот си врви“, но, надежите на дел од корисниците - одбиени апликанти, сега водат до Управниот суд.
Моника Талеска