Додека политичарите, според нивните набиени агенди, наводно работат 24/7, па најчесто немаат време да ги забележат бездомниците и лицата на кои им е потребна помош во храна и облека, една акција на неформална група, главно помлади луѓе, во последно време го привлекува вниманието.
Група твитерџии собрани околу инцијативата „Ретвитни оброк“, секое саботно попладне го минува со бездомниците на кои им носат храна, пијалаци и облека, секоја сабота во 12:30 часот зад Спомен куќата на Мајка Тереза, во Скопје.
Твитерџиката Јасмина Дуриќ вели дека досега имаат поделено 20 саботни оброци на бездомните лица. Во иднина, планираат да организираат еднаш неделно јавна кујна, каде што ќе може твитерџиите да готват за бездомниците, да се дружат меѓу себе и да им помагаат на најсиромашните граѓан(к)и.
„Твитерџије не су само хејтери што висат пред компјутер и буљат у мобилен, туку, меѓу нив има и срцки! Ја со такви се дружам, ♥ за цела екипа, како и за другите кои не се твитерџии, а се готвачи...!“, напиша Дуриќ на Фејсбук.
Дел од твитерџиите самите ја донираат храната, а дел добиваат храна од неколку фирми кои сакаат да помогнат.
Тони Станковски, од здружението „Љубезност“ вели дека хуманитарната иницијатива за помош на бездомниците започнала уште во 2013 година, од две семејства кои издвојувале средства од своите приходи, за да може еднаш неделно да им се дели скромен оброк, а некогаш и облека и обувки, на неколку бездомни лица. Но, благодарејќи им на твитерџиите и на инцијативата „Ретвитни оброк“, и многу други хумани граѓани се приклучија на нивниот проект „Вистински дела на љубезност“.
„Денеска имаме многу млади лица, пред се, твитерџии кои готват јадење, или пак, само донираат храна за бездомниците. Знаеме дека има јавни, државни и црковни кујни, но ние сметаме дека тоа не е доволно и решивме барем еднаш во неделата да им овозможиме по еден пристоен оброк“, рече Станковски.
Бездомниците главно сакаа(т) да останат анонимни, но потенцираа дека треба да има повеќе слични хумани иницијативи, бидејќи секогаш некој има потреба за храна.
Дехран Муратов
Оваа вест е достапна и на: Albanian