Наративот што ќе се трудат да го наметнат началниците преку поставувањето на новите "албански" споменици, меѓуетничкиот, треба да се избегне и изигнорира, и секако, исмее. Исто како и наративот на "протестни платеници" кој го пласираат куририте од Панама и Белизе.
Излишно е да се зборува за значењето на Богдани, Аголи, Багери, или пак на Сандански, Карев, Гули, Јосифовски, наспроти шверцерското поставување на нивните споменици, со огромни кражби од проектирањето, преку тендерирањето до изведувањето. За речиси сите споменици ист патерн - изведено преку ноќ, без никаква нормална процедура, ниту пак за да се одбележи некој датум поврзан со тие личности, да има свеченост.
Целта е јасна - додека во умот на испраните мозоци се билда "патриотизам" - на криминалците од власта им се билдаат сметките и им се множат фирмите што тука, што во Панама и Белизе.
Исто така, кога сме кај сметките и паричките, гледам куририте објавиле хонорари на повеќе луѓе од граѓанскиот сектор коишто учествуваат на протестите, обвинувајќи ги дека зимаат пари за протестите.
Пази човече, куририте од Белизе обвинуваат луѓе за пари кои ги заработиле работејќи на различни проекти во различни организации во различни години, од меѓународни фондови и фондации од кои, не заборавајте, црпи и државата, пари кои проаѓаат по три ревизии, кои се следат до денар и за кои се плаќа данок. Да имаше макар нешто сомнително, што си мислите, ќе се лишеа себе си началниците од задоволство да влечкаат некого по асфалт, во време кога и судот и полицијата и обвинителот работат за нив?
И тука целта е јасна, како во народната, кога крадецот вика – Држ’те го крадецот! Толку за аргументите, за нарушувањето на приватноста и објавувањето на лични податоци на овие луѓе кои не се јавни функционери не ни сакам да зборувам, рушењето на елементарните човекови права ни стана секојдневие.
Наместо лапање на тие дудинки, треба да му се посветиме на споменикот што го градиме во моментов на улица. Заедништвото на сите слободни граѓани на Македонија. Нека лаат куририте на началниците, тоа што најмногу ги боли е што тој споменик пари не чини, а ќе ги чини многу, ќе ги чини сите пари што ги украле. Од тоа бегање нема.