УЈП во невладините: „Десоросоизација“ или редовна инспекција?

Веќе трет ден, продолжува инспекциската контрола на Управата за јавни приходи во повеќе граѓански организации, кои беа дел од иницијативата „Ние одлучуваме“. Инспекцискиот надзор доаѓа по говорот на поранешниот премиер Никола Груевски пред Државната изборна комисија, кога лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави „десоросоизација на Македонија“. Граѓанските организации обвинуваат за политички притисок поради нивната критика кон власта, додека од УЈП тврдат дека тие вршат редовна контрола на сите даночни обврзници, без оглед на политичките случувања во земјава. 

На дел од граѓанските организации, како што велат тие, УЈП им најавила редовни финансиски контроли пред одржувањето на изборите, иако, пред два дена, Управата излезе со став дека се работи за инспекција која се спроведува по барање на друг државен орган.

Уранија Пировска, извршен директор на Хелсиншкиот комитет во Република Македонија, смета дека се работи за политички притисок врз организациите поради нивниот критички став кон власта. „Хелсиншкиот комитет беше првата организација на којашто и беше најавена финансиска инспекција од Управата за јавни приходи, на 6 декември, пред Парламентарните избори. Ни беше кажано дека сме избрани по случаен избор за да ни се изврши редовна финансиска контрола, што е во спротивност со изјавата која завчера ја дадоа УЈП на 24 вести, во која се наведува дека се постапува по пријава на друг државен орган, а не се кажува кој.  Сметам дека е тенденциозно и дека е со намера да се изврши притисок над сите оние организации кои за време на владеењето на ВМРО – ДПМНЕ имаа критички став кон политиките на владејачката партија“, истакнува Пировска за ЦИВИЛ Медиа.

Uranija_Press_Ustaven

Уранија Пировска

За неа нема воопшто сомневање дека постои релација помеѓу говорот на поранешниот премиер пред ДИК и оваа контрола на УЈП.  „Апсолутно да. Воедно, да на се заборави дека пред изборите кружеше памфлет на ГДОМ, во којшто бевме наведени сите, по имиња и презимиња, како луѓе кои наводно добиле пари од Сорос за разнебитување на РМ“, посочува Пировска.

Инспекција на УЈП има и во Македонскиот центар за европско образование. Бојан Маричиќ од МЦЕО објаснува дека Инспекцијата на УЈП е најавена како редовна и вообичаена. „Инспекторите, врз основа на налог, побараа увид во сите приходи и расходи од 1 јануари 2016 година до 5 декември 2016 година. Целата документација е дадена на увид, прегледот на документацијата започнува оваа недела. Досега сè се одвива во рамките на законот и во љубезен тон“, вели Маричиќ за ЦИВИЛ Медиа.

bojan-maricic

Бојан Маричиќ

Но, она што е симптоматично и според него е дека инспекцијата се случува токму по изборите и по најавата на бившиот премиер Груевски за „десоросоизација на Македонија“. Притоа, според Маричиќ, инспекцијата е селективно испратена токму во организации, кои во последните неколку години беа носители на граѓански иницијативи и кампањи кои беа критични кон власта на Груевски. „Речиси сите организации беа дел од кампањата „Заслужуваме подобро“ и „Ние одлучуваме“ и имаа активности за информирање на граѓаните за нивните гласачки права. Под надзор се организации кои работат долги години со ригорозни донатори и кои досега немале никакво финансиско петно“, посочува извршниот директор на МЦЕО.

„Контекстот во кој се случува овој настан и атмосферата на линч кон граѓанскиот сектор која е наметната од власта ни дава за право да го сфатиме ова како оркестриран политички притисок кон граѓанската иницијативност. Сепак, ние немаме што да криеме и очекуваме институциите да постапуваат по словото на законот“, заклучува Маричиќ.

ЦИВИЛ Медиа стапи во контакт и со Управата за јавни приходи. Откако се слушнавме по телефон со портпаролката Весна Новаковиќ, по електронска пошта ѝ испративме прашања во врска со финансиската контрола која е во тек во повеќе граѓански организации, прашувајќи за видот на контролата, по чиј налог таа се изведува и дали се пронајдени неправилности во работата на организациите. Воедно, побаравме коментар за ставовите изнесени во јавноста дека се работи за притисок кој доаѓа по говорот на лидерот на владејачката партија.

ujp-novakovic

Весна Новаковиќ

Во одговорот испратен до редакцијата на ЦИВИЛ Медиа, се вели дека Управата за јавни приходи, согласно своите законски надлежности, а без разлика на политичките текови во државата, редовно врши контрола кај сите даночни обврзници. „Во конкретниот случај е постапено по барање од ноември 2016  година на друго државно  тело, кое има надлежност да покренува иницијатива за контрола на финансиско -материјално работење. Согласно член 9 од Законот за даночна постапка, останатите податоци не може да бидат предмет на комуникација со јавноста, бидејќи имаат третман на даночна тајна“, се вели во одговорот испратен од портпаролката на УЈП, Весна Новаковиќ.

Инаку, како што ни посочуваат нашите соговорници од граѓанските организации во кои моментално тече финансиската контрола, таа сè уште не е завршена и дека им е најавено дека инспекторите на УЈП ќе ги посетуваат и во наредните денови.

Петрит Сарачини

Оваа вест е достапна и на: AlbanianEnglish