Управниот суд пресуди, ќе се прегласува во Теарце!

Управниот суд на денешната седница ја прифати тужбата на коалицијата „За живот во Македонија“, предводена од СДСМ и одлучи да се поништи гласањето на гласачкото место бр. 2011 во Општина Теарце, во Шестата изборна единица. Тимовите на ЦИВИЛ - Центар за слобода ќе го набљудуваат изборниот процес и на денот на прегласувањето, во недела на 25-ти декември.

На ова избирачко место вкупно се евидентирани 714 граѓани со право на глас. Од нив, на 11-ти декември гласале 404 избирачи. Според резултатите од ДИК, 17 гласачки ливчиња биле неважечки. Најмногу, 91 граѓанин, го дале својот глас за ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“. За СДСМ и коалицијата „За живот во Македонија“, гласале 87 избирачи, за ДПА својот глас го дале 64, а 53 избирачи гласале за ДУИ. „Коалицијата за промени и правда“ добила еден глас, а ПДП ниту еден, „Алијанса за Албанците“ освоила 25 гласови, коалицијата „ВМРО за Македонија“ - 1 глас, а за Беса гласале 65 граѓани.

upraven-sud-tabla

СДСМ и коалицијата поднесоа уште три тужби, против одлуките на ДИК, за изборни нерегуларности, со кои бараат прегласување на три избирачки места, за кои исто така, се чека одлуката на Управниот суд.

Тужба до Управниот суд поднесе и ВМРО-ДПМНЕ, откако ДИК го прифати приговорот на Беса. Всушност, ВМРО-ДПМНЕ е против поништувањето на резултатите од гласањето на Избирачкото место – 0396/1, во Општина Гостивар, во Шестата изборна единица. Прегласувањето на ова избирачко место, го носи ризикот за ВМРО-ДПМНЕ, да изгуби еден пратеник, со што практично ќе се смени целата политичка констелација во однос на пратеничките места во идниот парламент.

На ниво на целата Изборна единица 6, разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ е само 307 гласови, предност за ВМРО-ДПМНЕ.

Тимови на набљудувачи на ЦИВИЛ - Центар за слобода ќе го набљудуваат изборниот процес и на денот на прегласувањето.

М. Т.

Оваа вест е достапна и на: Albanian