„На својот празник, учителите во Македонија се незадоволни и тажни, затоа што некој сака да им го одземе она што им е свето, љубовта кон учителствувањето!“
Во знак на сеќавање на 5 октомври 1966 година, кога е усвоена Препораката на Меѓународната организација на трудот - МОТ и на УНЕСКО во врска со статусот на наствниците, во 1994 година овој ден е прогласен за Светски ден на учителите. Education International - EI, светски Сојуз на синдикатите во областа на образованието, со седиште во Брисел, придонел во меѓународно признавање и одбележување на овој ден низ целиот свет.
„Со почит гледаме на нашите прекрасни наставници, но со благодарност кон оние кои допреле до нашите емоции. Курикулумот е неопходен, но топлината е потребното цвеќе за детската душа во неговиот развоj” (Карл Густав Јунг)
Соочени со предизвикот на технолошките иновации, лесниот пристап до информациите и новите методологии на интеракција во процесот на учење, носителите на знаењето се доведени во состојба да се борат за влијанието и важноста на нивната работа врз развојот на општеството во целост. Учителите денеска се соочени со потребата за мобилизација и поддршка во нивната значајна улога во образувањето и воспитувањето на младите генерации, идните градители и носители на општествените промени.
Учителството е благородна професија која секогаш е во насока на менторирање, мотивирање и афирмирање на знаењето што го пренесуваат на учениците. Учителите се и педагози, воспитувачи, но и добри пријатели и заштитници на детската душа во нејзиниот креативен и интелектуален развој.
„Наставникот треба да ги привлече детските срца со својот наклонет, пријателски однос и љубов кон децата“. (Јан Амос Коменски)
Љубовта која ја има кон професијата и силната желба преку учењето да им ги пренесе вистинските вредности на нејзините ученици, не поттикна да ја прашаме професорката Фросина Митрушева што за неа претставува овој ден:
„На Меѓународниот ден на учителите светот ја слави возвишеноста на една професија. Ден кога треба да се потсетиме на луѓето кои создаваат луѓе. Луѓето кои го посветуваат животот, пренесувајќи го своето знаење на децата. Оние кои ги изодуваат со децата нивните најделикатни години, внесувајќи многу љубов и посветеност во трасирањето на нивниот пат во животот. Учителите се тие што не смеат да згрешат, затоа што секој нивни збор и постапка остава траг, можеби капка, но многу важна, во формирањето на личноста, во создавањето Човек“.
Митрушева е професорка по математика во СГУС гимназија „Раде Јовчевски Корчагин“ во Скопје, со 34 години работно искуство. Соочувајќи се со проблемите во образовниот систем, заедно со нејзините колеги, но и со учениците погодени од лошото спроведување на реформите во образованието во Македонија, таа ни изјави:
„Ова е една од најтешките години во историјата на образованието во Македонија. Учителите во Македонија со години наназад се турнати на маргините. Се прави обид - нивната улога во општеството да се сведе на улога на административни службеници. Креаторите на образовните политики не ни помислуваат дека со тоа најголемата штета им се нанесува на оние кои треба да се свето нешто во секое општество - децата. По многу „реформи“, стигнавме до моментот на кулминација на апсурдот. Некаде, низ спроведувањето на тие реформи, се изгуби главната поента на образованието, дека во тој процес најважното нешто е личноста“, ни изјави Митрушева.
Според популарната професорка Фросе, образованието веќе никому не му е „по мерка“- ниту на учителите, ниту на учениците. Таа тврди дека Учителите почнале да ја губат радоста и убавината на професијата, растргнати меѓу желбата да им се посветат на учениците во чие формирање како личности и индивидуи ја имаат една од најодговорните улоги и административните обврски кои им се наметнати и мораат да ги извршуваат во борба за својата егзистенција.
„Учениците ја бараат изгубената цел - бараат образование кое ќе ги направи конкурентни на светскиот пазар на трудот и бараат учители кои со задоволство ќе ги воведат во нивното понатамошно постоење. Нечујниот вресок на учителите во барање да се врати достоинството на оваа професија ја обележа претходната учебна година. Нашата држава остана глува за сите анализи, аргументи и идеи за подобрување на состојбите во образованието. Не помогнаа ниту штрајковите и протестите на учителите и на учениците - оние кои најмногу ја знаат проблематиката, затоа што го живеат образованието, секојдневно. Денес, на нивниот празник, учителите во Македонија се незадоволни и тажни затоа што некој сака да им го одземе она што им е свето, љубовта кон учителствувањето. Се надевам дека до наредниот Светски ден на учителите ќе се врати насмевката на лицата на македонските учители и среќата во македонските училници“, порача Митрушева.
За посветеноста, љубовта и храброста на Митрушева во градењето подобра иднина на младите генерации, сведочи и написот на Зоран Шуниќ, објавен на 21 април оваа година на блогот на српскиот портал B92, во кој тој пишува: „Поуката од мојата приказна е едноставна – неопходно е некој да верува во вас!“.
ЦИВИЛ – Центар за слобода им го честита на сите просветни работници Светскиот ден на учителите и ги поддржува во нивната борба за подобро образование за идните генерации. Им посакуваме на сите учители, наставници и професори, секогаш да бидат пожртвувани, хумани и верни во нивната желба за едуцирање и воспитување на младите генерации.
Биљана Јордановска