Интегрално обраќање на портпаролот на ВМРО Народна Партија Ване Цветанов на Конференцијата ДЕМОКРАТСКИ ПЕРСПЕКТИВИ, организирана од Цивил, на 1 март на Скопски саем, во рамки на проектот Слободни и ненасилни избори 2013
Почитувани учеснисни на конференцијава, почитувани организатори и гости,
Преку мојата дискусија ќе се обидам да ви доловам како се организира изборна кампања од страна на ВМРО ДПМНЕ.
Моето право да говорам за методологијата на организација и спроведување на кампања од страна на Владеачката партија го црпам од фактот што до 2010 година бев член и функционер на ДПМНЕ. Во 2006 – та година бев претседател на ОИШ на ВМРО ДПМНЕ, во 2008-ма и 2009-та бев член на најтесниот дел од тимот на Влатко Ѓорчев задолжени за изборната единица број 3. Системот е идентичен во сите изборни единици и преку ИЕ бр.3 ќе ви отсликам како тече изборната кампања во оној невидлив дел за јавноста.
60 дена пред датумот на изборите почнува операцијата мотивација на Активистите и трае 10 дена. Во тие 10 дена се посетуваат сите општински комитети и се лоцираат сите незадоволни партиски војници, членови на општинските комитети и се разбира активисти на избирачките места. На секој незадоволен му се пронаоѓа слаба точка и, во зависност од човекот или му се ветува некој личен благодет или пак преку инструментите на закани преку државните институции се става во потчинета состојба, односно добива статус на лојален.
50 дена пред гласањето, мотивираната армија почнува да добива инструкции. Првата инструкција е анкета од врата на врата, рок 10 дена. Целта е изготвување на моментална реална прогноза за секое избирачко место, за секое семејство, за секој гласач.
40 дена пред гласањето почнува операцијата осигурување сигурни гласови. По споредување на резултатите од минати избори за секое гласачко место, потербните сигурни гласови за идната кампања, и резултаите од завршените анализи, се прави план како да се постигне потребниот резултат за секое избирачко место. Се вадат листи на потенцијални но незадоволни гласачи за секое избирачко место и се почнува со операцијата мотивација и гаранција за сигурни гласови. Секој потенцијален гласач се става во посебна целна група и му се бараат слаби точки. Ова е најцрниот дел од операцијата и во него се вклучуваат сите државни функционери. Локалните раководители на центрите за социјални работи одат лично во сите домови на корисници на социјална помош и се закануваат со укинување на социјалната помош доколку не гласаат за ДПМНЕ. Локалните раководители од министерството за земјоделие се јавуват или одат лично кај земјоделците со закани дека нема субвенции за оние кои нема да гласаат за ДПМНЕ. Локалните шефови на полицијата ги пронаоѓаат сите казнети за сообраќајни и останати прекршоци и следуваат ветувања за кинење на решенијата за казни, за секој што ќе гласа за ДПМНЕ. Локалните функционери на УЈП, пазарната и трудовата инспекција се јавуват кај најголемиот дел од претприемачите и со закани им навестуваат дека ќе добијат список со непослушни вработени, а дека се должни да ги убедат вработените да гласаат за ДПМНЕ, па макар и со закани за откази од работа. Заканата кон фирмите е дека, ако не постапат по наредбата после изборите ќе си имаат работа со инспекциите.
30 дена пред гласањето се повторува акцијата од врата на врата и се проверуваат состојбите.
Онаму каде што не е завршена работата, односно каде што се уште не е омекнат некој гласач или семејство, се бара повторно начин за осигурување преку некој од гореспоменатите методи со помош на државните институции.
20 дена пред гласањето, почнува операцијата со издавање на финансиски позајмици од странана на фирми блиски до власта. Најчесто се делат преку нафта и репроматеријали за земјоделските семејства во просек од по 200 евра по семејство.
3 дена пред изборите им се пристапува на сите должници и им се дава предлог да се раскине долгот, а за против услуга да гласаат за ДПМНЕ. За крај, кај најсиромашните семејства состојбата се бетонира со делење на пари. Од 10 па до 100 евра по глас.
2 дена пред изборите, ДПМНЕ ја има табелата на сигурни гласачи со 98% на точност.
После сиве овие недемократски и противзаконски операции, и цело ОБСЕ да дојде во Македонија на денот на изборите нема да констатира проблеми, затоа што власта многу одамна, со најсурови методи, со закани, уцени или купување си ги обезбедила потребните гласови.
Оваа вест е достапна и на: English