Уметниците кои со своите уметнички дела ќе се претстават пред јавноста, даваат редок придонес кон јакнење на јавната свест за човековите права и слободи и јакнење на солидарноста меѓу луѓето. Се работи за четири мултимедијални изложби кои се отвораат истовремено во Мултимедијален центар Мала Станица, вечерва (петок, 18 октомври), со почеток во 20 часот. Изложбите се во рамки на проектот „Проговори!“ – проект на уметниците за човекови права и солидарност во имплементација на Цивил – Центар за слобода
Уметничкото „визуелно востание“ во рамките на „Проговори!“ – проект на уметниците за човекови права и солидарност, се отвора во време кога општеството се соочува со сериозни предизвици во сферата на почитувањето на човековите права и слободи. На граѓан(к)ите на Македонија им се ускратени низа основни човекови права и слободи, меѓу кои слободата на говорот и медиумите е високо на таа листа. Истовремено, забележлив е недостатокот од солидарност и дијалог меѓу луѓето и различните форми на општествено организирање, затвореност и неподготвеност да се преземат чекори за подобрување на состојбите во земјата.
Ова се меѓу другото, основните мотиви за започнување и водење на иницијативата „Проговори!“ на Цивил – Центар за слобода. Инспирирани од состојбите со човековите права и слободи во општеството, Маја Стефановска, Харалд Шенкер, Александра Маја Милошевиќ и Џабир Дерала се претставуваат со уметнички концепти во Мултимедијален Центар Мала Станица со околу шеесет експонати.
Маја Стефановска на јавноста ѝ се претставува со слики и премиера на краток уметнички филм под заеднички наслов „Молк“. Харалд Шенкер изложува фотографии под наслов „Хјумн Рајц“ придружени со пораки кои на несекојдневен начин ги контемплираат и коментираат актуелните состојби со човековите права. Александра Маја Милошевиќ изложува 9 дела изработени во комбинирани техники под наслов „тсончевоЧ“ (човечност – обратно). Џабир Дерала се претставува со уште едно издание на сатиричниот проект „Ние сме вистината“ во чии рамки се изложени неколку експонати со фотографии, визуелна поезија и пораки, како и поетско-сценски перформанс.
На отворањето на овие изложби ќе говорат Н.Е. Амбасадор на Сојузна Република Германија Гудрун Штајнекер, директорката на Национална галерија на Македонија г-ѓа Халиде Палоши и Џабир Дерала, продуцент и еден од авторите.
По официјалното отворање следи премиерната проекција на филмот „Молк“ на Маја Стефановска и претставување на нејзините уметнички дела. Следува краток видео разговор со авторот Харалд Шенкер и презентација на неговите дела, по што следат претставувањата на делата на Александра Маја Милошевиќ и Џабир Дерала.
Проектот „Проговори!“ е иницијатива на Цивил – Центар за слобода, организација за човекови права и слободи, мир и контрола на оружјето, а го финансира Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.
...
Оваа вест е достапна и на: Albanian