Највисоките претставници на над дваесет политички партии беа дел од четвртата јавна дискусија на тема „Плурализмот и политичката криза“ во организација на ЦИВИЛ – Центар за слобода. На јавната дискусија покрај политичките партии, присуствуваа над 50 претставници на организациите на граѓанското општество, на медиуми, на граѓански иницијативи и на дипломатските претставништва и мониторинг мисии во Република Македонија.
Ставовите на сите говорници на дискусијата: жестоките критики на сметка на власта, барањето за одложување на изборите, потребата од повлекување на аболицијата на Иванов, од ослободување на медиумите и од департизација на судството, како и низа други мерки и реформи за излез од политичката криза во Македонија, можете да ги проследите на YouTube каналот на ЦИВИЛ - Центар за слобода.
Настанот се одржа во рамките на проектите „Слободни избори за слободни граѓанки и граѓани“, поддржан од Министерство за надворешни работи на Сојузна Република Германија и „Напред!“ – проект за изборен мониторинг, финансиран со германски средства од Пактот за стабилност на Југоисточна Европа.
На јавната дискусија по овој редослед се обратија: Павле Трајанов - Демократски сојуз, Ивон Величковски - Либерална партија, Лилјана Поповска - ДОМ, Горан Мисовски - НСДП, Ердоган Сарач - ДНЕТ, Весел Мемеди - НДП, Агон Ферати - ДРДПА, Зулфи Адили - Унитети, Слободан Угриновски - Титови леви сили, Јанко Бачев - НДМ, Ламбе Арнаудов -ВМРО НП, Зекирија Ибрахими - Беса, Никола Бабовски - Демократски сојуз на Власите, Јове Кекеновски- ФРОДЕМ, Марјан Огњановски - Обединети за Македонија, Билјана Јовановска - ПЕП 21, Акија Мустафовски - ПЕИ, Марија Џонс - Левица, Фатон Алити - ПДП, Стојанче Ангелов - Достоинство, Зоран Заев - СДСМ.