„Согласно Законот за заштита на лични податоци, снимки од видео-надзор не смеат да се даваат на користење на други лица, освен ако е тоа потребно во евентуална доказна постапка“, е ставот на правниот експерт на ЦИВИЛ – Центар за слобода, Сандра Гавриловска, со која ЦИВИЛ Медиа разговараше откако одделни телевизии со национална концесија, но и веб-портали, објавија голем број видео-снимки од безбедносни камери, снимени за време на земјотресите кои изминатите денови го потресоа Скопје
На снимките, без да се внимава на заштита на приватноста, се објавени граѓанки и граѓани кои во моментот на земјотресот биле затекнати во трговски центар, супер маркет, кафуле...
„Видео надзор, вообичаено, се поставува заради заштита на сопственоста или заради контрола над влегувањето и излегувањето од одредени простории, при што, секогаш мора да се почитува правото на приватност (на купувачи, клиенти, вработени и слично). Според тоа, со објавување на снимки од видео- надзор, во конкретниот случај - снимки од реакција на граѓаните за време на земјотрес, во маркети, трговски центри и слично, се нарушува приватноста на граѓаните“, истакнува Гавриловска.
Оваа вест е достапна и на: Albanian