Од 23 до 26 јуи во Скопје ќе се одржи „Викенд на гордоста“, чија носечка идеја е солидарноста, како политичка, социјална и етичка позиција
Идната недела, од 23 до 26 јуни, во Скопје по четврти пат ќе се одржи „Викенд на гордоста“, манифестацијата во организација на Коалицијата Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници и на ЛГБТИ - Центарот за поддршка при Хелсиншкиот комитет.
„Носечката парадигма на овој настан е квир парадигмата. Да се биде квир е многу повеќе од сексуалноста и родовоста кои може да се идентификуваат. Квир, или настраноста, означува начин на живот, уметност на стилизација на сопствениот и колективниот живот, политичка алатка и став кои се спротиставуваат на доминатните модели на знаење и моќ, преку кои се оркестрираат сексуалните и родовите идентитети како ’нормални’ и ’девијантни’, односно ’настрани’“,“ се вели во најавата на организаторите за настанот.
Организаторите посочуваат дека носечката идеја зад овогодишниот „Викенд на гордоста“ е солидарноста, како политичка, социјална и етичка позиција која овозможува да се градат алијанси и колективи на отпор отаде органичувачките идентитетски позиции и исклучувачки групни интереси, без притоа да се нивелираат спецификите на различните проживеани искуства на опресија и исклучување.
Во просториите на поранешното кино „Култура“ во Скопје, од идниот четврток до недела, ќе се одржуваат дебати, предавања и различни перформанси. Партнери на овогодишната манифестација се Младинскиот образовен форум - МОФ и Кино Култура (Локомотива).
Манифестацијата е поддржана од амбасадите на САД и на Франција.
Оваа вест е достапна и на: Albanian