Власта ќе се спасува на сила и со насилство!

ВМРО-ДПМНЕ вчера остро го нападна и одби понатамошна соработка со посредникот Питер Ванхауте, како што соопштија, поради навредите кон оваа партија и нејзините претставници во преговорите, но и „заради континуираните омаловажувања кон народот и Република Македонија“. Пази Бога ти!

Пишува: Петрит Сарачини

Пишува: Петрит Сарачини

Оние што десет години во континуитет ги омаловажуваат сите граѓани со безочните лаги и безумната кражба на стотици милиони евра, оние што половина и повеќе од граѓаните на земјава, вклучувајќи ги сите слободоумни уметници, интелектуалци, новинари, писатели, граѓански активисти, стечајци, тутунари, млекари, лекари, професори, наставници, студенти, па дури и малолетни ученици, ги прогласија за предавници, странски шпиони и платеници, оние што те убиваат ноќе а оплакуваат дење, е баш тие се најдоа повикани да го бранат македонскиот народ од „омаловажувањата“ на меѓународниот посредник.

Истакнатите медиумски слуги на власта индиректно повикуваат на палење на американската амбасада, по вчерашната оценка на меѓународните претставници дека услови за избори на 24 април – нема.  Повиците за насилство кон истакнатите јавни критичари на власта се постојани. Овие макро–закани од мегафоните на Пастирот и началниците, на микро ниво рефлектираат на друг начин. Во Мариовско, вчера возрасен човек убил од ќотек осумдесетгодишен старец, поради тоа што му ја фалел обвинителката Јанева, по неколку заеднички чашки ракија.  Претходно, да не заборавиме, во изминативе години, а особено во периоди на силни протести или настани кои ја разнишуваа власта на Груевски и Ахмети, се случуваа низа акти на поттикнување меѓуетнички тензии или на „остварување“ на брутално насилство кон оние што мислат и зборуваат поинаку од власта. Речиси сите тие случаи останаа нерасветлени – од тепањата на новинари, до нападите над ЛГБТ заедницата, а некои се претворија во политички процеси, инструментализирани од власта.

Доволно е да споите и само неколку парчиња од мозаикот, и да видите како работите ќе се одвиваат во блиската иднина. Од власта на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, до изборите не можеме да очекуваме ништо друго, освен сила и насилство. Затоа, мошне е веројатно власта да оди на сила и сама - на избори на 24 април. Затоа е повеќе од возможно - ќотекот кон инакумислечките граѓани да расте и во квалитет, и во квантитет, а богами, и во интензитет. Затоа, како своевремено во Србија за времето на Милошевиќ во 90-тите, или пак, кај нас во 2001, кога „цел свет е против нас“, допрва ќе ги слушаме уште поразгракани маалско-кооперациските филозофи и прикаската за заверата на „курвата – Европа“ и на „глупите Американци“, кои и покрај огромните пари, војски и наоружување што ги имаат, ете, веќе две децении не успеваат да и доакаат на малата, но жилава Македонија, која исто толку децении, се жилави во обидот да се измолкне од транзицијата, сиромаштијата и арамилакот на оние кои владејат со неа и да зачекори кон пристојна демократија.

Секако, странците во таа смисла се спокојни, и зато си играат дрндупка со локалниве селски џилкоши. Нашиве бараби можеби имаат вилици за џвакање глупости и тепање старци и немоќни, пред гранапче или во темница, но немаат заби за нивните ореви. Ама, за нас имаат, а до 24 април и понатаму, ќе гризат и тепаат колку што можат и додека можат. Затоа, наместо триумфализам и отпишување на диктаторот тогаш кога е ранет и најопасен, нужно е реално согледување на ситуацијата и организиран и соодветен одговор од граѓанството, кое не смее да отстапи пред тоа насилство.

Во спротивно, по изборите, нема да нé тепаат и убиваат пред гранапче или по темни сокаци. Ќе ни дојдат ачик, сред бел ден, дома...

Оваа вест е достапна и на: Albanian