ЦИВИЛ – Центар за слобода во Велес го одржа вториот семинар „Биди граѓански новинар“, во рамки на проектот „Граѓански објектив“.
На семинарот учествуваа активисти, граѓан(к)и и поддржувачи на ЦИВИЛ од Велес, Кавадарци, Штип, Пробиштип, Свети Николе, Делчево и соседните општини. Учесниците имаа можност да стекнат знаења и вештини за долгорочно набљудување на изборите и на човековите права и слободи. Обуката имаше за цел да им пренесе основни познавања и од видео-активизмот, набљудувањето и известувањето. Исто така, семинарот вклучуваше и едукативни модули за истражување и активизам.
Предавачи на овој семинар беа истакнати професионалци и експерти во новинарството, уметноста и активизмот. Покрај тимот на обучувачи од ЦИВИЛ, Синиша Станковиќ, Горан Наумовски, Џабир Дерала и Емрах Реџепи (на тема за твитерот и активизмот), предавачи беа и Томислав Кежаровски, Синоличка Трпкова и Борис Грдановски.
Потребата од враќање на професионализмот во новинарството и на слободата на медиумите и како и реперкусиите на власта врз новинарите истражувачи - преку сопственото искуство, беа темите на кои зборуваше новинарот Томислав Кежаровски, првиот ден од семинарот. Инспиративното предавање на Кежаровски ги потикна учесниците на дискусија и за неговото притворање, затворските услови и одразот врз неговиот професионален и приватен живот по ослободувањето од затвор.
Едукативна презентација имаше и Борис Грдановски, уредник на фотографија во Вест и фоторепортер на Associated Press, кој на присутните им ја доближи фотографијата и нејзината моќ во визуелното раскажување на животните приказни заробени во еден момент. Истовремено, учесниците имаа можност да научат повеќе за примена на фотографијата како активистичка алатка.
Преку нејзиниот страствен и мотивирачки настап, Синоличка Трпкова, актерка и професорка, ја истакна општествената одговорност на интелектуалецот, пред сé на уметникот и влијанието на уметноста врз политичките и општествените промени.
Евалуацијата на резултатите од работилницата на семинарот покажа дека граѓан(к)ите се подготвени да се изборат за своите права и за слободни, фер и демократски избори. Пријатно изненадување беа вестите, фотографиите и видео прилозите на учесниците, направени на велешките улици со граѓаните – случајни минувачи.
По успешниот семинар во Велес, следниот семинар „Биди граѓански новинар“, во рамки на проектот „Граѓански објектив“, ќе се одржи во Битола, на 14 и 15 ноември во хотелот „Театар“. На семинарот можат да се пријават жители на Битола, Демир Хисар, Ресен, Охрид, Струга, Дебар, Вевчани, Прилеп, Крушево и соседните општини.
На семинарот можат да се пријават сите полнолетни граѓан(к)и со кратка биографија и мотивациско писмо (максимум до една страница) во кои накратко ќе ги опишат своите вештини и ќе изразат подготвеност за учество на семинарите.
Секој учесник кој ќе ја заврши обуката ќе добие и сертификат.
„Граѓански објектив“ е проект во кој се комбинираат истражувањето, медиумските активности и активизмот, кои се основа за дологорочно изборно набљудување. Овој проект ќе придонесе кон развој на граѓанското новинарство во земјата. Проектот е поддржан од фондацијата National Endowment for Democracy.