Мобилните тимови за изборен мониторинг и поддршка на регионалните центри на ЦИВИЛ – Центар за слобода само што ја завршија посетата на Велес, прва меѓу многуте претстојни посети на повеќе населени места во земјава како дел од теренската реализација на проектот НАПРЕД!
На јавната презентација во центарот на Велес, граѓанките и граѓаните се информираа за активностите на проектот, чија цел е сеопфатно набљудување на изборите и придонес во создавањето на услови за нивно одржување. Тимовите на ЦИВИЛ делеа информативни материјали за мобилизација на идни набљудувачи од овој град и разговараа со граѓанките и граѓаните за гласачките права. Локалните медиуми покажаа особен интерес за активностите на ЦИВИЛ, така што пред штандот се одржа и прес конференција на која претставникот на ЦИВИЛ даде одговор на бројните прашања. ЦИВИЛ одржа и состанок со претставниците на граѓанското општество во Велес, на кој се разговараше за следните заеднички чекори со цел да се помогне процесот на создавање услови за слободни избори на 5 јуни.
Веднаш по Велес, екипите на ЦИВИЛ се упатија кон Градско и Неготино, кај што попладнево ќе одржат презентации за граѓанките и граѓаните на овие општини, за подоцна да завршат со заедничка јавна презентација во Кавадарци.
ЦИВИЛ спроведува целосен, сеопфатен, непристрасен и објективен мониторинг на подготовката и на текот на целиот изборниот процес и на почитувањето на гласачкото право. Во тек се активности за селекција, ангажирање и едукација на долгорочни, краткорочни и граѓански набљудувачи на изборниот процес во Република Македонија. Проектот НАПРЕД! се спроведува на национално ниво во повеќе од 14 регионални центри на ЦИВИЛ, е еден од столбовите на годинешните набљудувачки активности на организацијата. Како и досега, заедно со граѓанките и граѓаните, преку повеќе проекти, акции, настани и содржини, ЦИВИЛ придонесува и ќе придонесува за создавање услови за слободни избори.
Проектот НАПРЕД! е поддржан со германски средства од Пактот за стабилност на Југоисточна Европа.
Оваа вест е достапна и на: Albanian