Во потрага по решенија за големите проблеми кои ги придружуваат изборните процеси во Република Македонија, ЦИВИЛ – Центар за слобода организира серија активности низ целата земја во текот на летото, а во Скопје е домаќин на работилници со проектните тимови, семинари за обуки на своите набљудувачи, јавна дискусија, тематски состанок и прес конференција, за само пет дена.
Јавната дискусија на тема „Како до слободни избори: Искуствата на Хрватска и Македонија во компаративна перспектива“ ќе се одржи денеска (понеделник, 31 август), во ГЕМ Клуб (Стара Чаршија), со почеток во 11 часот. На јавната дискусија ќе говорат Драган Зелиќ и Александра Јозиќ-Илековиќ од ГОНГ (Хрватска) и универзитетскиот професор Љубомир Фрчкоски.
На 1 септември, ЦИВИЛ ќе покани претставници од политичките партии, граѓанското општество и меѓународната заедница на тематскиот состанок „СЛОБОДНИ ИЗБОРИ ЗА СЛОБОДНИ ГРАЃАН[К]И: Иднината на Македонија“. На оваа средба, која е во рамките на истоимениот проект, ќе се дискутира за начините да се надмине политичката криза со цел да се обезбедат услови за слободни избори во 2016 година и како различните засегнати страни во општеството можат да придонесат кон политичкиот процес. По работната средба, ЦИВИЛ ќе одржи получасовна јавна презентација на 1 септември (вторник), во хотел City Park, со почеток во 12:30 часот.
Влезот е слободен, излезот е возможен – велат во ЦИВИЛ. Проверете зошто.