ВМРО-ДПМНЕ единствена од Пржино со кандидатски листи

Половина час пред истекот на рокот за пријавување, ВМРО-ДПМНЕ поднесе кандидатски листи во ДИК. Покрај коалицијата  „За подобра Македонија", предводена од ВМРО-ДПМНЕ, кандидатски листи поднесе и Народното движење за Македонија, како што најави лидерот на оваа партија на јавната дискусија на ЦИВИЛ на 10 мај. И Социјалдемократската партија на Македонија. Со тоа ВМРО-ДПМЕН  е единствената партија од четирите најголеми партии, потписнички на Договорот од Пржино. Како што и беше најавено претходно, СДСМ, ДУИ и ДПА не поднесоа листа со предлог кандидати, што би значело дека тие нема да учествуваат на предвремените парламентарни избори закажани за 5-ти јуни.

бгбг

Кандидатската листа на ВМРО-ДПМНЕ во првата единица, ја предводи претседателот на партијата Никола Груевски. Министерот за надворешни работи Никола Попоски е прв на листата во втората изборна единица,  Илија Димовски ќе ја предводи третата изборна единица, министерот за здравство Никола Тодоров четвртата, Антонио Милошоски и овие избори ќе ја води кандидатска листа во петтата, а пратеникот Влатко Ѓорчев шестата изборна единица.

Павле Саздов е носител на седмата изборна едница во дијаспората, каде се уште официјално не се знае точниот број на пријавени гласачи, и со тоа останува неизвесно дали воопшто ќе биде исполнет цензусот и дали дијаспората ќе може да гласа.

Од актуелните министри и блиски соработници на Никола Груевски, втори на листите се министерката Елизабета Канческа- Милевска, во првата изборна единица, претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски во втората и Зоран Ставревски е втор на листата во петтата изборна единица.

На листата со 123 пратеници, од кои 49 се жени, а 74 мажи, не се предвидени некои од аболицираните членови на ВМРО-ДПМНЕ, против кои се водат истраги од Специјалното Јавно Обвинителство. На листите ги нема Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска и Сашо Мијалков.

ДИК има рок од 48 часа по добивање на кандидатските листи за да утврди дали листата на кандидати е поднесена во законски утврдената временска рамка, и дали е составена во согласност со одредбите на Изборниот законик. Евентуалните недостатоци, подносителите на листите ќе треба да ги отстранат исто така во рок од 48 часа.

Марија Теговска

Оваа вест е достапна и на: Albanian