ВМРО-НП незадоволна од политичкото рекламирање на МРТ

ВМРО - Народна партија ги повика Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) и Македонската радио телевизија веднаш да ја променат методологијата за мониторинг на изборното медиумско претставување, согласно изборниот законик. Партијата најави кривични пријави за директорите на АВМУ и МРТ, ако не постапат согласно членот 76а од Изборниот законик, каде што јасно се дефинира дека времето за претставување на кампањите на политичките партии се одредува според резултатите од последните парламентарни избори. ВМРО-НП нагласи дека не може агенцијата и МРТ да го толкуваат Изборниот законик и членот 76а како што тоа ним им одговара.

Конкретно во членот 76а став 3 од Изборниот законик е наведено дека  „Времето за информирање за активностите на кампањата на политичките партии од власта и од опозицијата ќе биде распределено согласно резултатите од последните парламентарни избори“. Останува неодговорено прашањето – на кој начин се толкува членот 76а од изборниот законик? Дали се мери според освоените гласови или пак според освоените пратенички мандати?

Според Никола Тасев од извршниот комитет на ВМРО Народна партија, АВМУ овој член од законот го толкувала според освоените пратенички мандати, а не според освоените гласови на минатите парламентарни избори. Поради ова толкување ВМРО-НП изрази незадоволство.

„ВМРО-НП е втора опозициска партија по големина според освоените 30 илјади гласови на минатите парламентарни избори. Со погрешното толкување на членот 76а од изборниот законик, нашата партија е ставена во ист кош со оние партии кои освоиле по петстотини или по илјада гласови, а со тоа и времетраењето на медиумското претставување на националниот сервис е значително намален“ – изјави Никола Тасев од ВМРО-НП.

До објавувањето на овој текст не добивме одговор на нашето барање за коментар од АВМУ за обвиненијата од ВМРО-НП.

Марко Петревски

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian