Во струмичкото „турско маало“ полицајци пукале, приведувајќи лице пред штабот на СДСМ!

Во „Турското маало“ во Струмица, во понеделникот, неколку полицајци се обиделе да приведат еден од жителите, пред штабот на СДСМ. Веднаш се насобрала поголема група на граѓани, која со „жив штит“ не им дозволила на полицајците да го извршат приведувањето. Лицето успеало да побегне со лисици на рацете, по што, полицајците испукале неколку куршуми во воздух...

Активистката на ЦИВИЛ-Центар за слобода, Елена Стојковска ни рече дека денеска ситуацијата е мирна во „Турското маало“ и дека нема никакви проблеми.

Од Министерството за внатрешни работи, за ЦИВИЛ Медиа, соопштија дека го истражуваат случајот.

„Засега, не можам да ви дадам никакви информации, колегите го испитуваат случајот на терен. Не можам да ви кажам ни зошто сакаа да го приведат лицето. Единствено, во овој момент можам да кажам дека двајца припадници на МВР се повредени на вчерашниот настан. За лицето кое полицајците се обидоа вчера да го приведат, не знам дали во овој момент е на слобода или е приведен“, ни изјави Наталија Спирова Кордиќ, началник на Секторот за односи со јавност и протокол.

„Турското маало“ во Срумица стана познато во пошироката јавност по објавувањето на „бомбите“, кога на една од снимките, поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, на соговорникот во телефонски разговор ги навреди Ромите, со зборовите: „Ако треба, Циган по Циган, за уши, и ќе ги носиме да гласаат“...

Д.М.