Извори на „Цивил медиа“ кои инстистираа на анонимност поради страв од губење на работните места, сведочат дека во металуршкиот комбинат Југохром Фероалојс за време на изборната кампања на двојните избори се вработуваат нови лица по партиска линија. Од раководството на Југохром ги демантираат ваквите тврдења и велат дека во комбинатот се вработуваат лица согласно потребите.
Сепак, според она што го сведочат жителите на Јегуновце, ситуацијата на терен е малку поинаква. Тие тврдат дека раководството на Југохром од вработените барало да гласаат за ВМРО-ДПМНЕ со напомена дека ако дојде до промена на власта, тие ќе останат без своите работни места.
“Притисоци врз вработените има. Ако не гласаат за ВМРО- ДПМНЕ ќе останат без работа. Јегуновце е мало место, сите се знаеме. Ќе имам проблеми ако зборувам јавно“, објаснува изворот и додава дека стравот од можноста да го загуби своето работно место е огромен, како кај него така и кај останатите вработени врз кои се врши притисок.
Најголем дел од граѓаните на Јегуновце своето парче леб го заработуваат работејќи во Југохром Фероалојс. Голем дел од вработените се ангажирани со договори на три месеца и стравуваат при секое нивно обновување. Поради потребата да им се продолжи договорот, а за да не останат без парче леб, работниците лесно подлегнуваат на притисоците.
Вработените укажуваат и на бран вработувања во предизборниот период, иако, како што велат, веќе има превработеност. За ново вработените велат дека се познати активисти на владејачката партија.
“Во последниот месец дена вработени се 20-30 луѓе за кои ние знаеме дека се активисти на ВМРО-ДПМНЕ“, вели изворот.
Тие укажуваат дека и на локалните избори минатата година, ги преживувале истите притисоци. Сведочат дека на минатите избори еден од директорите одел од врата на врата кај вработените и барал да се гласа за кандидатот за градноачалник од владејачката партија.
Набљудувачи на Цивил во неколку наврати информираа за нови вработувања и притисоци врз вработените во Југохром. На ова, раководството од Металуршкиот комбинат одговори со демант, кој го пренесуваме во целост:
„Југохром Феролајс најостро ги демантира пишувањата од страна на невладината Цивил во врска со партиските вработувања во нашиот колектив. Овие непроверени и неаргументирани информации со кои се шпекулира и притоа се замајува јавноста се чисти лаги и инсинуации. Југохром Фероалојс со доаѓањето на новиот сопственик на чело на колективот од јули 2010 година работи максимално професионално со една единствена цел, да остварува профит и притоа да се вработуваат што е можно повеќе луѓе од овој специфичен крај без разлика на нивната етничка, верска и политичка припадност. Можеби една од причините за ваквата реакција на Цивил е тоа што неколку пати биле одбиени од страна на генералниот директор за интервју, што впрочем е и идентичен став за сите невладини организации. Никој од вработените нема причина да стравува за своето работно место, а Југохром работи со оптимален капацитет на вработени согласно нашата производствена програма“, се вели во демантот.
Инаку, Цивил досега ниту еднаш нема побарано интервју со генералниот директор на Југохром Бранислав Ѓуровиќ, ниту пак со било кое друго раководно лице. Изјава беше побарана само во понеделникот, на 21 април, но на телефонскиот број никој не одговараше.
„Непримерно е да се квалификува Цивил на начин на кој тоа го прави менаџментот на оваа фабрика. Што се однесува до притисоците кои врз основа на партиска афилијација се прават во Југохром, за нив зборуваат луѓето во Јегуновце и тоа со забележлив страв. Тоа е кршење на човековите права и слободи. Останува отворено прашањето дали кршењето на човековите права на работниците во оваа компанија е цената за одложувањето на обврската да се исполнат еколошките стандарди и на тој начин да се заштитат човековите права на уште поголем број луѓе кои живеат во тој регион. Значи, на Југохром му е потребна сериозна соработка со организациите на граѓанското општество кои се залагаат за почитување на човековите права, но и со тие кои се бават со екологија и животна средина“, вели Џабир Дерала, претседател на Цивил.
Васко Скендеровски, еден од директорите во Југрохром Фероалојс ни изјави дека несоработката со граѓанскиот сектор е став на генералниот директор и дека не би сакал да навлегува во повеќе детали околу тоа.
„Она што јас можам да ви го кажам е дека на работа се примени 20-30 лица, согласно потребите. Работиме со капацитет од 1.200 луѓе, дел од нив одат во пензија, дел си заминуваат. Ниту имаме притисок од партии ниту пак на некој му е загрозено работното место. Во Југохром работат лица од различна верска, етичка и политичка припадност, па дури имаме и еден вработен кој е дел од листата за кандидат за пратеник од СДСМ“, ни изјави Скендеровски.
Сепак, изјавите на жителите од Јегуновце што можете да ги погледнете подолу, даваат една поинаква слика за она што се случува на теренот.
[youtube http://www.youtube.com/watch?v=4qVqVWHwlCA]
Мери Јордановска, Џељо Хоџиќ
Камера: Стефан Урџановски